Достапни линкови

Изминуваат последните денови во кои треба да се договорат медиумските реформи и да се покаже напредок со избирачкиот список, во спротивно амбасадорите нема да дадат амин за избори на 24-ти април.

Ако до крајот на неделава не се постигне политички договор во работните групи во делот за медиумските реформи и не се покаже вистински напредок во досега договореното, високи дипломатски извори за Радио Слободна Европа велат дека меѓународната заедница нема да даде поддршка за оддржување на изборите на 24 април.

Последните случувања околу кривичните пријави кои ги поднесе Специјалното јавно обвинителство за изборни манипулации покажуваат дека избирачкиот список се наоѓа во многу лоша состојба. Јавната обвинителка Фатиме Фетаи соопшти дека во истрагата е утврдено дека некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, а се вметнати во избирачкиот список. Откриени се и сомнителни 15 илјади матични броеви и 60 илјади државјанства, а неподигнати биле 35 илјади сомнителни лични карти.

Ваквата сенка што ја фрла СЈО како и пробивањето на роковите за делумна теренска проверка на избирачкиот список, нерешените проблеми околу медуимското известување кое засега е само декларативно како балансирано и професионално влијаат врз договорениот датум за избори на 24 април велат експертите.

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека меѓународните партнери вклучувајќи го и еврокомесарот Јоханес Хан, нема да ја прифатат обврската да бидат гаранција дека се исполнети условите за изборите на 24 април затоа што и тие се потписници на пржинскиот договор.

„Затоа што времето коешто преостанува до 24 април е многу кратко, а времето кое преостанува до затворањето на избирачкиот список е ептен кратко и не очекувам дека нивниот заклучок ќе биде дека условите се исполнети за избори на 24 и тоа ќе подразбира пак циклус на преговори со четворицата лидери за евентуален нов датум, а изјавите на претставници на ДИК, особено на оние кои се од експертскиот дел, не укажуваат на тоа дека условите може да се исполнат до временскиот рок потребен за да се одржат изборите на 24 април“, вели Муслиу.

Политикологот Митко Гаџовски вели дека рокот за предвремени избори ќе се одложи за најмалку еден месец.

„Од причина што гледаме дека се уште некои процеси коишто се поврзани со изборите не се завршени. Само што започна прегледување на избирачките во избирачкиот список, тоа е процес којшто ќе трае сигурно неколку месеци и од таа причина сметам дека тоа ќе биде најголемиот проблем што ќе доведе до одложување на изборите. Законот за медиуми може да се донесе брзо и да се преточи во законска пракса во Собранието“, вели Гаџовски.

Анкетата на нашата веб страна покажува дека од 600 луѓе кои гласале, 70 проценти сметаат дека изборите треба да бидат одложени.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG