Достапни линкови

Обама: Русија да ги прекине нападите во Сирија


Американскиот претседател Барак Обама побара од Русија да ги прекине бомбардирањата врз „умерените бунтовници“ во Сирија. Тој ова го побарал за време на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин само два дена откако големите сили во Минхен се договорија за запирање на непријателствата во Сирија.

„Всушност претседателот Обама ја нагласил важноста што сега ја има Русија со тоа што ќе ја прекине воздушната кампања против силите на умерената опозиција во Сирија“, соопшти Белата куќа.

Руското бомбардирање и помага на сириската армија да постигне најголема победа во досегашната петгодишна граѓанска војна и да го освои од опозициските бунтовници најголемиот сириски град Алепо.

Според Кремљ пак, Путин и Обама се согласиле да ја интензивираат соработката во спроведувањето на договореното во Минхен.

Сепак, Кремљ стави јасно до знаење дека нема да се откаже од неговата кампања против милитантите на Исламската држава. Западните земји се сомневаат дека тоа е единствената цел на Москва.

„Да бидеме начисто за овој договор од Минхен. Тој и дозволува на Русија да ги продолжи нападите во Алепо уште една недела“, изјави американскиот сенатор Џон Мекејн кој додаде дека Путин не сакал да му биде партнер на Западот.

Да бидеме начисто за овој договор од Минхен. Тој и дозволува на Русија да ги продолжи нападите во Алепо уште една недела.

Во меѓувреме, рускиот премиер Дмитри Медведев повтори дека странска копнена операција во Сирија ќе води кон целосна и долготрајна војна.

Тој во интервју за телевизијата „Јуроњуз“ го критикуваше американскиот државен секретар Џон Кери кој претходно изјави дека странски војници би можело да влезат во конфликтот доколку последното примирје не успее во Сирија.

„Тој не требало да го каже тоа. Никој не е заинтересиран за нова војна, а копнена операција значи потполна и долга војна“, изјави Медведев.

Одвоено, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу изјави дека неговата земја и Саудиска Арабија би можело да започнат копнени активности против милитантите на Исламската држава во Сирија.

Турција веќе неколку денови ги бомбардира позициите на курдските сили во северна Сирија.

Турскиот премиер Ахмед Давутоглу во неделата и кажал на германската канцеларка Ангела Меркел дека Анкара нема да ги прекине нападите и покрај растечкиот притисок од страна на западните сили.

Анкара смета дека курдските борци кои доминираат во Сириските демократски сили кои се борат против режимот на претседателот Башар ал Асад се подружница на Курдската работничка партија што во Турција е на листата на терористички организации.

Во меѓувреме, турскиот министер за одбрана Исмет Јилмаз го негираше извештајот дека некои турски војници влегле во Сирија за време на викендот.

Тој исто така рече дека Анкара не ја разгледувала можноста за испраќање на војници во соседната земја.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG