Достапни линкови

logo-print

„Магијата на модрата планина“ во ЕУ Инфо-центар


„Магијата на модрата планина“ е насловена изложбата на дела од 18 современи европски уметници, гости на уметничката работилница на „Арт Поинт - Гумно“ во периодот 2003-2015 година, што ќе биде отворена овој понеделник, на 15 февруари, во 19 часот, во просториите на ЕУ Инфо-центарот во Скопје. Станува збор за серијал од три постановки што ќе се одвиваат до 15 април во рамките на проектот „Културни приказни“.

Клеменс Хеинл и Кристијан Ротман од Германија, Шкотланѓанецот Леон Пачет, Лоне Себерг од Данска, Бети Брицељ од Словенија и Англичанецот Мајкл Коноли се шестемина, од вкупно 18 современи европски уметници, чии дела ќе се најдат на отворањето на изложбата „Магијата на модрата планина“ планирано за 15 февруари во просториите на ЕУ Инфо-центарот во Скопје.

Тие сите секогаш се опседнати од бојата на модрата планина, тоа е Плакенска Планина, која во текот на денот неколкупати ги менува боите и тоа е возбудливо за нив. Секако, тие покрај планината се возбудени од целата таа околија. Од реките, од птиците, од животните, од возбудата на тој народ.

Станува збор за серијал од три постановки што ќе се одвиваат до 15 април во рамките на проектот „Културни приказни“, а во чии рамки културната јавност ќе има можност да ги види и делата на Ева Мајер од Унгарија, Герхард Штајн, Армин Луц, Рајнер Зита, Герлинде Писнер и Хубертус Хес – сите од Германија, Јан Триаска и Стано Бубан од Словачка, Јана Хунтерова од Република Чешка, Џонатан Меклид од Шкотска и Англичанецот Тери Чип.

Сите овие творци или визитинг артисти, во периодот од 2003 до 2015 година, твореа во рамките на уметничката резиденција „Арт Поинт - Гумно“ лоцирана во магичното село Слоештица, сместено во подножјето на Плакенска Планина.

„Бидејќи се работи за Европски информативен центар ние ги изложуваме овој пат уметниците кои потекнуваат од земјите на Европска унија. Тие сите секогаш се опседнати од бојата на модрата планина, тоа е Плакенска Планина, која во текот на денот неколкупати ги менува боите и тоа е возбудливо за нив. Секако, тие покрај планината се возбудени од целата таа околија. Од реките, од птиците, од животните, од возбудата на тој народ, од последните селани кај кои уште ја има онаа исконска македонска чистина и коишто сè уште не се доволно опседнати со ова глобално живеење. Таму сè уште се живее спокојно и времето споро оди“, вели кураторот на изложбата, сликарот Сергеј Андреевски, чие семејство е основачот на оваа уметничка резиденција.

Тој дополнува дека ова е прво официјално изложување на „Арт Поинт – Гумно“ во Скопје (досега тоа се има случено само еднаш и тоа на Битфест) и дека во негови рамки се претставува само еден мал дел од нивната трајна колекција.

Од друга страна, отворањето на постановката, на кое патем е предвидено да се обратат Мартин Клауке, раководител на секторот за соработка на ЕУ делегацијата, Воутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија и Андреевски, ќе биде збогатено со пригодна уметничка програма во чии рамки ќе настапат актерот Ѓорѓи Јолевски, со стихови од шкотскиот поет Роди Горман, и музичкиот состав СТАРОВСКИ, кој сопствената уметничка пројава ја базира врз посегањето по традицијата и класиците на македонската поезија, каде што засебно место има Петре М. Андреевски.

Во пресрет на перформансот Дејан Спасовиќ во името на арт-дружината вели дека нималку не се двоумеле со радост да ја прифатат поканата на семејството Андреевски и дека ова за нив ќе биде убаво освежување по неколкугодишната пауза во делувањето на бендот.

„Тоа за нас ќе биде убаво освежување и потсетување за тоа каква беше енергијата на СТАРОВСКИ. Воедно ќе биде и добра најава за втората објава на составот, за албумот што долго време се крчка во студио. Мислам дека ова појавување ќе ни биде поттик и мотив за да ја продолжиме започната звучна приказна бидејќи искрен да бидам публиката малку не подзаборави. Ова наедно ќе биде одговор на сите оние наши верни слушатели кои на социјалните мрежи упорно не прашуваа кога, што, како... ќе не видат и чујат повторно“, вели Спасовиќ.

Она што е посебно интересно е и тоа што од „Арт Поинт – Гумно“ веќе размислуваат ваквите постановки да станат практика и особено да се стремат кон нивно придвижување надвор од границите на нашава земја.

„Честопати сме размислувале изложбите наши да ги видат не само љубителите на уметноста во Македонија и на Балканот, туку и надвор од регионот. Особено имаме убава соработка со градот Нирнберг кој ги финансира патувањата на уметниците кои доаѓаат од тој регион кај нас. Исто таква релација порано имавме и со Шкотска, па со неколку институции во САД, па не исклучувам таков настап во Галеријата на Македонскиот центар во Њујорк. Да бидам искрен, тоа е малце покомплицирано поради транспортот, но битно е дека идејата и потребата се евидентни и дека ние сме наоружани со трпение, па кога тогаш веројатно овие нешта ќе се обистинат“, потенцира Андреевски.

Кон ова само уште збор-два појаснување. Од 2003 до 2015 година, вкупно 30 реномирани меѓународни уметници беа официјални гости на уметничката резиденција во Слоештица. Работилниците вообичаено се организираа еднаш годишно за 2-4 уметници од различни земји од светот. За време на нивниот престој во селото, којшто трае најмалку 3 недели, тие креираа инспирирани од природните убавини на регионот и од оригиналниот дух на локалното население, а програмата опфаќа и посета на значајни културни, историски и туристички локации во регионот (Крушево, Битола, Охрид и др). Покрај создавањето уметност, гостите беа канети да спроведуваат активности за/и во соработка со локалните жители, посебно со децата. Ваквите проекти за добробит на заедницата изградија вечни пријателства и отворија нови хоризонти. Згора на тоа, при крајот на секоја Резиденција, беа организира изложби од изработените дела насловени како „Отворено студио“. Конечно, овие настани беа редовно посетени од бројни љубители на уметноста, а се документирани и од медиуми од Македонија и од странство.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG