Достапни линкови

Граѓаните разочарани од власта, но не им заборавиле на СДСМ


Граѓаните разочарани од власта, но не им заборавиле на СДСМ
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:41 0:00

Савески - Граѓаните разочарани од власта, но не им заборавиле на СДСМ

Очигледно дека граѓаните не се согласуваат со сегашната власт, но не можат да заборават како се однесуваше СДСМ додека беше на власт и тоа може да ги спречи да излезат и да гласаат, вели Здравко Савески од политичката партија Левица, која ги собра потребните потписи и очекува регистрација, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Савески, државата веќе цела година е во сериозна политичка криза, се чини дека наелектризираноста меѓу двата политички блока, на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, не била никогаш поголема. Зошто мислите дека ова е добро време за појавување на политичка партија?

Точно е дека се поларизираат граѓаните во Македонија, но поделбата не е помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, туку е помеѓу власта и сите останати граѓани, без разлика дали тие се членови на СДСМ или не се членови на СДСМ. Кај оние што не се членови на СДСМ има поддршка за СДСМ во борбата против Никола Груевски и сегашната недемократска власт, но сите тие граѓани кои протестираат и кои ги поддржуваат во таа борба не значи дека нужно премногу им се допаѓа СДСМ, нивните барања, нивните заложби и нивните идеи како да се надмине оваа криза. Тоа значи дека општо во Македонија има едно големо незадоволство од досегашните партии и има граѓани кои очигледно не се согласуваат со сегашната власт, но тоа за нив не е доволно за да гласаат за опозицијата. Едноставно не можат да заборават како се однесуваше СДСМ додека беше на власт и тоа може да ги спречи да излезат и да гласаат. Затоа ние сакаме да понудиме една нова опција, нова партија, која нема да има багаж од минатото и која може да ги убеди оние граѓани кои не сакаат да гласаат ни за СДСМ, ни за ВМРО-ДПМНЕ, да гласаат за Левица.

СДСМ веќе се изјасни дека нема да оди на избори на 24 април, бидејќи не се исполнети условите за тие да бидат фер, регуларни и демократски. Каков е вашиот став, има ли услови за избори на 24 април гледано од денешна гледна точка и дали вие како партија би оделе на избори на 24 април?

Услови за фер и демократски избори нема во дадената ситуација, така што јасно е дека ако на 24 април се одржат избори, тие ќе бидат наместени избори на кои една авторитарна власт само си ја потврдува власта. Така што, Левица дефинитивно нема да учествува на избори на 24 април во вакви услови.

Која е вашата целна група како партија? Кому вие му се обраќате?

Левица ќе се залага за работнички права и социјална правда, за демократизација во сите сфери на општественото живеење и против национализмот и меѓуетничките бариери. Нам примарен таргет ни се обичните граѓани, оние кои губат од системот, оние кои се обесправени, непривилегирани, значи едно големо мнозинство од народот, оние коишто не се задоволни од начинот на кој се води политиката досега, а тоа е големо мнозинство од народот. Особено сакаме да ги придобиеме гласовите на оние на коишто тотално им пречи корупцијата која во овој момент владее во Македонија. Значи, ние ќе одиме со една отворена и радикална антиклиентелистичка и антикорупциска реторика и сакаме на работните места да дојдат оние коишто се најквалитетни. Понатаму, сакаме да се обратиме до сите оние коишто се сиромашни, кои системот дополнително ги осиромашува и кои бараат да почитува одредбата од Уставот дека Македонија е социјална држава. Голем процент од нашите граѓани се осиромашени и се доведени до работ на сиромаштијата и не е во Македонија проблемот само немање слобода и демократија, туку и немање социјална правда. Сите оние кои сметаат дека тоа е голем проблем ќе бидат отворени да размислат да гласаат за Левица.

Целото интервју со Здравко Савески од Левица може да го погледнете во видеото на почетокот на текстов.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG