Достапни линкови

Во најзагадените градови пораст на малигни заболувања


ПМ честичките се најголемиот проблем за воздухот во Македонија. А во градовите во кои е регистрирано најголемо загадување се бележи и рапиден пораст на малигните заболувања, посебно на дишните патишта.

Продолжуваа трендот на пораст на малигни заболувања коишто се поврзани со аерозагадувањето, особено во Тетово, Битола и во Скопје, покажуваат најновите податоци од Институтот за јавно здравје. Според тоа најголемиот дел капацитетите на болниците се користат за лекување на болни од белодробен карцином, респираторни болести, асматични напади, хронични опструктивни болести.

Во Македонија аерозагадување е број еден еколошки фактор којшто влијае на загадувањето и е на седмо место за причините за заболувањето и за смртност, покрај оние генералните, како животните стилови, исхраната односно факторите коишто можат да се превенираат.

„Во Македонија аерозагадување е број еден еколошки фактор којшто влијае на загадувањето и е на седмо место за причините за заболувањето и за смртност, покрај оние генералните, како животните стилови, исхраната односно факторите коишто можат да се превенираат“, истакна професорот Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје. Тој денеска присуствуваше на деветата научна еколошка јавна трибина што ја организираше Македонкото еколошко друштво, заедно со неколку колеги истражувачи.

И покрај фактот што во Македонија голем процент од грѓаните се лечат на сметка на државниот здравствен буџет, властите и натаму го игнораат проблемот и не ги спроведуваат мерките за спречување или намалување на загадувањето од најголемите извори како индустриските и енергетските компании, сообраќајот, домаќинствата, урбанизацијата и депониите.

Светската банка во 2012 – 13 година излезе со истраување за огромните загуби од аерозагадувањето во земјава. Тие посочија дека 1350 животи годишно се гуат само заради аерозагадувањето, а економијата трпи загуби од 253 милиони евра годишно главно поради трошоците во здравството.

Фрапантни бројки

ПМ честичките се најголемиот проблем за воздухот во Македонија. Според загадувачките параметри на сите 17 мониторинг станици, во 2015 година во Тетово се регистрирани 250 денови кога концентрациите на ПМ честичките изнесувале 300 микрограми на метар кубен (μg/m3).

„Во Тетово во истиот период имало само два дена во период од четири месеци кога биле концентрациите на 50 (μg/m3). Се друго во тој период, целиот тој период имало надминување на граничните вредности. 143 дена над 50 (μg/m3), 116 дена над 100 (μg/m3), највисока средно дневна концентрација од 838 (μg/m3) и имало четири епизоди во коишто имало повеќе од 10 дена во низа над 100 (μg/m3)“, вели Светлана Ѓорѓева, раководител на Македонскиот информативен центар за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Фрапантни бројки од минатата зима има и за Скопје, бидејќи повеќе пати концентрациите на ПМ честичките надминувале над 600 (μg/m3). Во Центар 99 денови имало концентрации над 50 (μg/m3), а во Лисиче 128 денови. Максималните дневни концентрации се регистрирани во Гази Баба кога имало 622 (μg/m3), а во Лисиче 644 (μg/m3).

Средната дозволена дневна гранична вредност 50 микрограми на метар кубен, а средната годишна гранична вредност е 40 микрограми на метар кубен. Дозволениот број на надминувања е 35 денови во годината. За Рсе..

ПМ10 и ПМ2,5

Ако замислите дека една цртичка на линијар е еден милиметар, тогаш еден микрометар е илјадити дел од таа цртичка. Толку се мали цврстите честички ПМ10 и ПМ2,5 што не се гледаат ни со голо око, а нивното присуство во воздухот сериозно го загрозува здравјето.

Честичките ПМ10 се цврсти суспендирани и таложливи честици. Тие се покрупни и кога ги вдишуваме, дел од нив се задржуваат во носната шуплина или во грлото и потоа можат да се исфрлат. За нив е важно дека се нерастворливи, а во воздухот се разлетуваат од прашина од улиците, од согорување на јаглен, нафта, метали. Тие извираат и преку и земја донесена од неасфалтирани патишта, од фарми, рудници, со градење или рушење.

Многу поважни се честичките ПМ2,5 бидејќи се поопасни. Тие се поситни лебдечки цврсти честички кои не се таложат на земјата поради тоа што се толку ситни што ни гравитацијата не може да ги повлече. Кога ги вдишуваме многу лесно навлегуваат во алвеолите на белите дробови, таму остануваат и тешко се исфрлаат и со кашлање. Тие можат да стигнат и до желудникот и таму се раствораат па отровните материи влегуваат во крвта. Нивниот животен век трае со денови дури и недели, тие можат да се рашират на растојание од стотици до илјадници километри. Извираат од гасови од согорување на јаглен, нафта, бензин, дизел гориво, дрва, од високотемпературни процеси, од топење при производство на челик.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG