Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ: Јанкулоска и Јанакиески се невини


Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека чесно победува на изборите во изминативе десет години и оти таа доверба на граѓаните „не може да биде оспорена со никакви конструкции и фабрикувани афери“.

Реакцијата на владејачката партија доаѓа по прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство, кое соопшти дека покренало истрага за изборни измами во која се осомничени и поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, како и поранешниот секретар на владата. Во периодот на кој се однесува истрагата, министри беа Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, а Кирил Божиновски беше секретар на владата.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека прес-конференцијата на Специјалното обвинителство била „политички настап“.

„Функционерите на партијата кои индиректно беа осудени на прес конференцијата на СЈО немаат сторено никакво кривично дело и тоа ќе го докажат во натамошната постапка“, стои во соопштението.

Владејачката партија смета дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев во изминатиот период ги најавуваше чекорите на Специјалното јавно обвинителство, со што драстично го нарушил неговиот кредибилитет и фрлил сенка на неговата професионалност и непристрасност.

XS
SM
MD
LG