Достапни линкови

Курц – Бегалски кампови на грчко-македонската граница


Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц денеска најави можност за затворање на македонската граница кон Грција и отворање на бегалски кампови на границата.

Можност за затворање на македонската граница за мигрантите и отворање на бегалски кампови на границата, најави денеска австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, по средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во Скопје. Австрија, како што нагласи Курц, годинава е подготвена да прими 37.500 бегалци и очекува бројката да биде постигната за неколку месеци, по што земјата ќе биде принудена да ги стопира мигрантите на нејзината граница. Тој истакна и дека очекува таквата одлуката да има последици долж рутата на земјите кои се засегнати како Македонија, Хрватска, Србија и Словенија.

Македонија мора да биде подготвена комплетно да го стопира влезот на мигранти во нејзините граници со оглед на тоа дека, по Грција, таа е првата држава која се соочува со мигрантите.

„Македонија мора да биде подготвена комплетно да го стопира влезот на мигранти во нејзините граници со оглед на тоа дека, по Грција, таа е првата држава која се соочува со мигрантите. Од тука знаеме дека ова е тешка задача и денеска се договоривме дека Австрија ќе обезбеди поддршка, не само во форма на персонал од редовите на австриската војска и полиција, туку истовремено и опрема за да ѝ се овозможи на Македонија на најдобар можен начин да се справи со предизвикот“, рече Курц.

Отворањето на нови бегалски прифатни центри и кампови, според Курц, зависи од бројката на мигранти.

„Она од што зависи дали ќе се отвораат дополнителни кампови, секако зависи од политиките што ќе се водат во државите кои се целни држави. Секако дека е можно, доколку има голем број на бегалци, и во Македонија и во Грција да се отворат дополнителни прифатни центри каде ќе мора да се задржат бегалците до оној момент додека не може да пројдат, но ние сме подготвени и на ова поле да дадеме помош и поддршка“, рече австрискиот министер.

Попоски вели дека колку мигранти ќе влезат во Македонија зависи од тоа колку од нив ќе бидат примени во земја членка на ЕУ. Според него, колку точно ќе биде тој број, на толку мигранти ќе им биде дозволено да транзитираат низ Македонија.

„Нашите одлуки ги носиме во соработка со сите земји кои се на балканската рута. Треба да бидеме искрени и отворени тие мерки кои ќе ги преземе Република Македонија ќе бидат во координација со земјите кои се крајна дестинација и исто така земји на транзит над Македонија. Ние во никој случај нема да преземаме унилатерални мерки сами по себе, бидејќи немаме таков интерес, но воедно нема да дозволиме да не се следат веднаш сите мерки кои ќе бидат нагоре на наша територија“, вели Поповски.

Тој пред два дена изјави дека нема да дозволат Македонија да стане камп за бегалци и дека нема да дозволат тоа да ѝ се случи и на Грција.

На прашањето што ќе се случи со бегалците кои ќе бидат заглавени во земјите од Западен Балкан доколку Австрија ја затвори границата, Курц рече дека токму тоа е причината сите земји да делуваат обединето и оти целта на неговата посета е да информира за одлуките кои Австрија мора да ги преземе со цел сите Влади од регионот да бидат подготвени.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG