Достапни линкови

Русија го предупреди НАТО


Рускиот пратеник во НАТО Александар Грушко предупреди дека Москва ќе одговори на трупањето сили на Алијансата на руските граници. Во исто време, дел од руските вооружени сили на југозападната граница се ставени во целосна готовност, а Москва најави и големи воени вежби.

Руското министерство за одбрана започна инспекција на единиците во јужните и централните региони на земјата. Според министерството, се очекува во најавените вежби да учествуваат околу 8,5 илјади војници, деветстотини возила, педесет воени бродови и 200 авиони.

Русија одржа неколку ненајавени воени вежби откако односите со Западот се нарушија околу кризата во Украина.

рускиот пратеник во НАТО Александар Грушко

рускиот пратеник во НАТО Александар Грушко

Официјална Москва во понеделникот уште еднаш го критикуваше, како што е наведено, натрупувањето на НАТО војници на границите со Русија.

Сигурен сум дека секој во НАТО сфаќа оти ваквите активности на Алијансата по должината на нашата граница нема да останат без воено технички одговор.

„Сигурен сум дека секој во НАТО сфаќа оти ваквите активности на Алијансата по должината на нашата граница нема да останат без воено-технички одговор“, изјави рускиот пратеник во НАТО Александар Грушко, без да прецизира за каков одговор станува збор.

Грушко нагласи дека Русија нема да дозволи да бидат загрозени нејзините безбедносни интереси.

Односите меѓу Русија и Западот се влошија од избувнувањето на кризата во Украина, по што Соединетите Држави и сојузниците разместија дополнителни сили во централна и источна Европа.

Пентагон неодамна предложи четирикратно зголемување на трошоците за американските сили и за воени вежби во Европа како дел од напорите да се влијае врз политиката на Русија.

Москва подолго време ги критикува активностите на НАТО во нејзиното соседство како закана за нејзината безбедност.

Грушко додаде дека НАТО, како што рече, „си пукал во нога“ со тоа што ја прекинал соработката во областите од заеднички интерес како заедничкиот тренинг на полицијата против дрогата во Авганистан.

Тој оцени дека овој потег ја доведува во опасност безбедноста и на Русија и на Европа.

Инаку, минатиот месец Русија соопшти дека ќе формира четири нови воени дивизии во текот на оваа година со цел да ја зголеми безбедноста во нејзините западни и централни региони.

Руската интервенција во Сирија го усложни и онака комплексното сценарио и ја стави на тест способноста на НАТО да ја одврати новата политика на Москва без директна конфронтација.

Кон ова придонесе и соборувањето на рускиот авион во ноември од страна на Турција која е членка на НАТО, што беше прв таков инцидент од Студената војна.

НАТО сојузниците одговорија со планови за испраќање патролни авиони и ракетни системи за зацврстување на турската одбрана на границата со Сирија.

Русија инсистира дека нејзините воздушни напади во Сирија имаат за цел позиции на милитантите на Исламската држава, но Западот се сомнева во тоа наведувајќи дека главна цел биле опозициските бунтовници кои се борат против режимот на Башар ал Асад.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG