Достапни линкови

Тутунот се проценува за класа подолу?


Сојузот на тутунски здруженија обвинува дека преку ноќ се сменила откупната линија на тутун на пунктовите на „Алијанса“. Изненадени се и тутунарите, за нив е несфатливо како може до вчера тутунот што бил во втора, сега да им се проценува класа подолу.

Сојузот на тутунски здруженија на Македонија го повикува Државниот инспекторат за земјоделство, итно да изврши контроли на регуларноста на откупот на тутунот во прилепските пунктови на „Алијанса“. Од Сојузот реагираат и тврдат дека никогаш во досегашните откупни кампањи немало пример, откупната линија да се смени преку ноќ. Според нив, тутунот се проценува дури за класа подолу, поточно спротивно на договорот постигнат со сите откупни фирми на почеток на кампањата во Министерството за земјоделство.

„Од пред неколку дена има строг критериум на проценка на тутунот, тоа сето се должи, бидејќи ние сме и членки на Интернационалната асоцијација и имаме контакти со сите сојузи на Балканот, купиле тутун од странство, многу поевтин, без разлика што тие имаат да купат 6.000-7.000 тони тутун во Македонија, оваа слика што ја гледам не доликува апсолутно на откуп на тутун“, реагира Данчо Милески, претседател на Сојузот.

Тој не ја исклучува и можноста, тутунарите да го бојкотираат откупот на овие пунктови, доколку и натаму се продолжи, како што тврди, со нерегуларен откуп.

Изненадени се и тутунарите, за нив е несфатливо како може до вчера тутунот што бил во втора, сега да им се проценува класа подолу. Еден од нив е, Ташко Митков, долгогодишен производител од Прилеп, кој со 10-ина декари тутунски насади, ја обезбедува егзистенцијата на своето петчлено семејство, без ниеден вработен.

„Има спорови, линијатa е затегната, не е како што беше, може да се рече со половина класа, сигурно повеќе од половина класа е подолу. Јас не знам што ќе правиме, имаме назад тутун, што се погорни берби и не знам измеѓу два и три ќе дојде некаде 140 денари, како што даваат“, вели Митков.

Роберт Стојкоски, пак, посочува дека класите се менуваат од ден на ден.

„Различно, секој ден менува цената, класата, од ден во ден се менува. Не знам зошто, како се центрите откупни договорени, не знам што е работата. По не се задоволни луѓето, од класа до класа е 50 денари на килограм помалку, отприлика“, вели Стојкоски.

А, директорот на Државниот инспекторат, Цветан Трипуновски, вели дека нема сознанија за нерегуларен откуп, но сите укажувања на Сојузот и тутунарите се земаат во вид, со дополнителни контроли, иако на 143 откупните пунктови во државата редовно се следи проценката на родот.

Просечната откупна цена досега, за преземените преку 14 илјади тони тутун, изнесува 186.50 денари за килограм.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG