Достапни линкови

Ариф - Потребни се подготовки за подолг престој на бегалците


Прифатните центри во Гевгелија и во Табановце се изградени со идеја луѓето да се задржуваат таму само по неколку часа, но ние не сме подготвени ако поради некакви причини треба да останат два или три дена, вели претставникот на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во Скопје, Мохамед Ариф, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Ариф, Какви се вашите проценки околу развојот на настаните со мигрантската криза во земјава ?

Во моментов јас би рекол дека ние сè уште примаме бегалци од Грција и иако бројот е намален, како што очекувавме летоска дека зимата ќе донесе помал број, во просек дневно минуваат од 1500 до 2000 луѓе низ земјава и ние сега со поддршка од Владата и сите други партнери од ОН и невладините партнери и граѓанскиот сектор успеавме да го поставиме прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија каде што се примаат бегалци кои доаѓаат од Грција и продолжуваат да се движат. Пунктот за помош на бегалци во Табановце исто така функционира многу добро, и двата центри се подготвени за зимски услови, објектите, инфраструктурата, се поставени и овозможуваат на големиот број на бегалци коишто минуваат низ нив, достоинствен и хуман престој и иако престојот е кус, работиме на ова заедно со Владата и со меѓународните организации и организациите оттука.

Зимата веќе изминува, а подготовките за зимата не се сè уште целосни, што недостасува за да имаме подобри услови за бегалците?

Јас би рекол дека секогаш има место за подобрување на нештата. Ако се вратиме назад, пред месец и пол, ние бевме во многу полоша состојба од денеска. Прво затоа што се очекуваа лоши временски услови, и второ ние не бевме подготвени и немавме подготвено место за зимски услови во двата центри во тоа време. Па тоа беше поголем предизвик и потешко за нас, за Владата да видиме како ќе се справиме. Морам да кажам дека заедно вложивме напори и сега ние сме во подобра ситуација, сигурен сум. Може сте забележале, ако скоро сте биле таму, дека работите многу се подобрени и дека големите шатори се оспособени за зимски услови, дека и другите објекти исто така се подготвени за зимски услови, центарот е поврзан со струја. Има многу подобрување во споредба со периодот пред месец и пол или два, три месеци претходно. Така што, би рекол дека не сме во така лоша ситуација како што бевме, но не можам да кажам дека сме го достигнале идеалот, сè уште треба да се подобрува и натаму, особено да се создаде место за во случај ако има проблем и луѓето треба да останат на подолго време, во споредба со она време што остануваат сега. На пример, ако треба да останат една до две, три вечери, ако се случи поради промена на политиката или поради проблеми на границата, или проблеми со транспортот, па луѓето имаат потреба да останат подолго време, ние не сме подготвени. Тоа е предизвикот, затоа што во нашите центри што ги имаме сега се оспособени само за кус транзитен престој. Ако, по некоја случајност, од една или друга причина, бегалците треба да останат подолго, како што реков на два, три или четири дена, тогаш ќе имаме предизвик и заедно со Владата на чело, ќе имаме тешка ситуација за справување и тука мислам дека ние имаме недостоток и дека ние треба да го имаме на ум тоа дека треба да имаме објекти во случај да се случи нешто и доколку овие луѓе имаат потреба да останат подолго време.

Дали очекувате да дојдеме во ситуација во која бегалците ќе имаат потреба да останат подолго?

Ако го погледнете развојот на настаните од јануари минатата година, 2015, до денеска, 4 февруари 2016(заб. кога е правено интервјуто), како се развиваше ситуацијата, ние не очекувавме дека вака ќе се развива. Ние не можеме да кажеме што ќе донесе утре, затоа што работите се менуваат постојано. Европската унија, транзитните земји, земјите од крајната дестинација секојдневно дискутираат, има состаноци, консултации, нови мерки, порано немаше ограда, сега имате ограда, сега имате и полициски кучиња кои доаѓаат со граничната полиција која доаѓа од други земји за да помогне во управувањето на границата меѓу двете земји, мислам на јужната граница. Работите продолжуваат да се менуваат. За да ви одговорам на прашањето, ние не знаеме точно што ќе се случи утре. Единственото што може да го кажеме е дека што и да се случи ние треба да бидеме подготвени за последиците од која било одлука или од која било постапка која ќе биде преземена, без разлика дали е тоа во Грција или тука или Словенија или Србија. Ние треба да бидеме подготвени за сите можни сценарија. Тешко е да се каже дали ќе се случи или не, но јас би рекол се надевам дека нема да се случи, но ако се случи тогаш ние не треба да бидеме изненадени, ние мора да бидеме подготвени да се справиме со таква ситуација.

Може ли да заклучиме дека ние не сме подготвени да имаме неколку илјади бегалци на нашето тло, според договорот од 17 точки во кој во Македонија и Србија треба да останат голем број на бегалци ?

Да, јас би рекол дека, како што спомнав претходно, дека објектите и инфраструктурата што се изградени во оваа земја е исклучиво за кус престој од најмногу 6 часа. Покрај тоа, за подолг престој, колку што јас знам, нема подготовки, значи ние имаме само услови за краток престој во двата прифатни центри во Винојуг и Табановце за 2 илјади луѓе, за максимум 6 часа или нешто повеќе. Но, повторно, овие два центра не се изградени со идеја да останат луѓе преку ноќ, две или три ноќи, не, овие места се само за краток престој при транзит.

Земјите од регионот изразија загриженост за безбедносната ситуација со бегалската криза, неодамна слушнавме изјава од српскиот лидер дека нема да дозволи да бидат паркинг за мигрантите кои се враќаат од ЕУ, кои не се од Авганистан, Ирак, или Сирија. Може ли да очекуваме сличен проблем во Македонија?

Како што реков, се разбира не сакам да коментирам на тоа што го планираат во Србија. Но, тука сум загрижен, како што реков и претходно, дека ние треба да бидеме подготвени за секоја ситуација. Ако бегалци или мигранти се праќаат назад, како треба да се справиме со таква ситуација тука. Сега, не треба да заборавиме една работа, дека овие луѓе, без разлика дали се бегалци или мигранти, имаат одредени човекови права. Ние како УНХЦР сме загрижени за бегалците, за барателите на азил и ние сакаме да бидеме сигурни дека тие ја добиваат заштитата за којашто ги исполнуваат условите според меѓународните стандарди, облигации, конвенции околу кои владите се согласиле и потпишале и коишто им следуваат. Кога станува збор за мигрантите, тоа треба да биде решено во соодветна перспектива. Ние исто така не сакаме мигрантската ситуација да влијае врз бегалската ситуација. Но, тоа што сакаме да го видиме како УНХЦР и тоа е она што го посочуваме и го бараме од сите земји и не само тука, е тие да имаат систем за азил, соодветен механизам за азил низ кој во таква ситуација можат експедитивно и брзо да одлучат, да донесат одлука кој е мигрант, а кој бегалец и потоа на двајцата да им овозможат, да се погрижат за нивните човекови права и за двајцата, тоа е обврска на владите, без разлика дали е тоа Србија, Словенија или вашата земја или која било друга од транзитната рута, па дури и во земјите на нивното одредиште. Сега, кога зборуваме за безбедноста, за безбедносните закани или безбедносните задршки, јас би рекол дека кога една земја има систем којшто функционира, којшто може да просуди, да оцени, може да процени каде е заканата, кој претставува закана и како да се справи, тогаш нема проблем. Тоа е прва обврска на секоја влада, да биде сигурна дека нејзината земја и нејзините граѓани не се под закана од безбедносни проблеми. Тоа е обврска. Но, како ќе го направите тоа? Тоа, повторно е работа на Владата да се потруди, да го направи тоа на начин на кој човековите права на сите им се заштитени и не се злоупотребени, без разлика дали е мигрант или е бегалец или барател на азил или граѓанин на таа земја или нелегално престојува во таа земја. Има одреден начин на кој треба да се постапува со секоја различна категорија, затоа според моето гледиште, кога ќе имате безбедносен систем или ефективен механизам, тогаш сум сигурен дека ќе бидат способни да детектираат каква било безбедносна закана.

Но, ние видовме повеќе од 700 илјади луѓе кои минале низ оваа земја и заминале. Колку од нив претставуваа безбедносна закана за овие земји? Можеби имало некои сомнителни луѓе, не велам не, но колку?

Мнозинството, не голем број, туку најголемото мнозинство од луѓето кои бегаат за да ги спасат своите животи, не се закана за безбедноста, бидејќи тие бегаат од заканата за нивната безбедноста, а не претставуваат тие безбедносна закана за никого кога и самите бегаат за да ги спасат своите животи. Ако има безбедносна закана заради еден, двајца или пет или десет лица, не треба да кажеме дека целиот бран од бегалци треба да се гледа како закана. Само владите и државите треба да имаат систем каде што ќе може да ги процесират или идентификуваат луѓето за да ја увидат вистинската закана доколку има такво нешто.

Европската политика за мигранската криза делумно влијае врз намалувањето на бегалскиот бран. Дали очекувате целосно затварање на границите?

Дозволете ми да ви одговорам на ова со преглед на она што досега се случуваше. Имаше селекција на три националности. Прво, УНХЦР не верува во ова. Ние не одлучуваме за меѓународна заштита врз основа на националност. Ова не е во согласност со мандатот на УНХЦР. Меѓународната заштита се дава врз основа на карактеристиките на индивидуалниот случај, без разлика од која религија, од која земја или кој регион или кој јазик го зборува човекот или од каде тој или таа доаѓа. Тоа е многу јасно за нас, тоа не е нашиот начин на спроведување на меѓународна заштита. Но, кога ова беше спроведено, селекцијата на само овие три националности, односно дека се дозволува влез само за државјани на Авганистан, Ирак и на Сирија, што се случи со другите?

Дали запреа? Не, тие не запреа. Тие продолжија, можеби не во голем број, но продолжија. Но, тогаш што се случи, имате криумчари, повторно дојде мафијата, зголемено криумчарење, трговија со луѓе, банди, мафија, тепање, бизнисот на криумчарите повторно се разви, повторно оживеа од оваа одлука. Така што, не мислам дека затворањето на границите ќе го решат проблемот. Она што ќе го реши проблемот е колективно и сеопфатно решение на проблемот, системи за азил во земјите кои ќе функционираат ефикасно и соодветно, во согласност со меѓународните стандарди и дури и повеќе од тоа, е решение на проблемите, политички решенија на проблемите во земјите на потекло на бегалците, во Авганистан, Ирак, Сирија и во која било друга земја.

Затварањето на границите, според моето гледиште, ќе создаде повеќе страдање. Управувањето на границата е одговорност и ексклузивно право на секоја суверена земја, тука не се мешаме, но само инсистираме човековите права на тие коишто доаѓаат на граница да бидат почитувани и да не бидат вратени.

Ги спомнавте криумчарите, затворените граници значат отворен пат за криумчарите, како да се спречи оваа појава?

Да, како што реков претходно, штом имаме делотворен и ефикасен систем за азил, поголемиот дел од овие проблеми ќе исчезнат, бидејќи што се случува сега? Сè додека немате соодветен систем за азил, каде одлуките за случаите се носат веднаш и ако некој човек се одлучи да не биде прогласен за бегалец или не се квалификува за меѓународна заштита, тогаш кои се опциите за тој човек? Ако човекот треба да биде вратен назад, да се врати назад, но тоа мора да го направите со соодветен систем. Кога ќе го имате тој систем, нема да има повеќе раселување од тие земји, бидејќи што повеќе го одложувате процесот за азил за овие луѓе или нивното филтрирање за меѓународна заштита, поттикнуваме повеќе раселување од земјите од каде што овие мигранти доаѓаат, мислам ако ги нарекуваме економски мигранти, ако се економски мигранти. Што побрзо има решение, има функционален систем, подобар систем, тогаш проблемот ќе биде решен. Според мене во голема мера, може нема да го реши проблемот 100 отсто, затоа што трговијата со луѓе, криумчарењето нема да престане преку ноќ, тоа нема да заврши со носење на закони или со поставување на огради на границите, тоа се случува секаде не само тука, но со ефикасен механизам и систем може да го минимизирате и ублажите.

Може ли да очекуваме зголемување на бројот на бегалци на пролет?

Ова е многу интересно прашање, како што целата ситуација е динамична и се развива, не можеме да кажеме што ќе се случи утре. Не треба да заборавиме една работа, дека бројката на бегалци во Турција стигна до речиси 2,5 милиони и повеќе од тоа, овие бегалци се таму. Сè уште има голем број на бегалци во Либан, над еден милион, и помалку од еден милион во Јордан, и Египет. Тие бегалци се сè уште таму, а проблемите во Сирија и натаму продолжуваат и досега нема решение, ниту решение на повидок. И сè додека овие елементи ги имаме тука, може да очекуваме сè. Морето е разбранувано, но луѓето сепак доаѓаат. Ќе биде многу тешко да се предвиди како ќе биде во пролет. Зависи и од договорот што е постигнат досега меѓу Турција и ЕУ ќе се спроведе, или како бегалците од соседните земји на Сирија ќе бидат поддржани или задржани таму. Сите овие елементи треба да се земат предвид пред да се донесе заклучок каква ќе биде состојбата напролет. Од тоа што ние го гледаме, ако ситуација и натаму остане иста како денеска, приливот ќе продолжи, можеби морето е сега разбранувано, а во пролет може да се зголеми приливот, а во лето може и повторно да се зголеми, не знаеме, тешко е да се каже. Но, она што треба да го направиме тука е да се подготвиме, мора да имаме поддршка, да имаме структури, да имаме објекти и систем, во случај да има голем бран повторно. Без разлика дали ќе биде во пролет или лето, ние треба да бидеме подобро подготвени од минатата година кога немавме ништо. Тоа е под голем знак на прашалник, но зависи од тоа како светот ќе одговори на ситуацијата во Сирија под еден, бидејќи тоа ќе биде голем фактор, особено кога мнозинството доаѓа од Сирија, тоа ќе биде одлучувачки фактор, ако има голем напредок, кој засега не го гледаме, така што може да се развие во кој било правец.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG