Достапни линкови

Николовски – Газдата на ТВ Нова добил тендери од четири милиони евра


Љупчо Николовски, СДСМ.

Љупчо Николовски, СДСМ.

Фирмата Трансмет на бизнисменот Сеад Кочан, кој е сопственик на новоотворената ТВ Нова, добила четири милиони евра во 2014 и во 2015 година од Министерството за земјоделство за изградба на пристапен пат за браната „Речани“ на Оризарска Река во Кочани и за санација на браната Пишица – Пробиштип. Ова денеска го соопшти дополнителниот заменик министер за земјоделство од СДСМ Љупчо Николовски.

Тој рече дека Земјоделскиот комбинат Пелагонија, кој е во сопственост на бизнисменот Орце Камчев, уште еден сопственик на медиуми, во изминатите четири години добил 4,5 милиони евра земјоделски субвенции.

„Преку Министерството за земјоделство, наместо за земјоделците, милиони евра, пари на граѓаните, завршуваат во медиумите на Никола Груевски коишто шират невистини и ги лажат граѓаните“, рече Николовски.

Претходно, тој објави дека Трансмет добила 700 илјади евра, а Силекс неметали, која е поврзана со ТВ Сител, 500 илјади евра, за чистење на канали за одводнување и наводнување. СДСМ соопшти дека телевизиите Сител, Канал 5 и Алфа во изминатите три години добиле 13 милиони евра од владата.

XS
SM
MD
LG