Достапни линкови

Хумани луѓе сакаат да му помогнат на семејството Соколоски


Седнати крај празната трпеза, ги голтаат солзите, за да не си причинат дополнителна болка еден на друг. На ваше барање, објавуваме и контакти за помош на ова семејство.

По објавувањето на приказната за семејството Соколски од Прилеп, кое живее во руинирана куќа, со една плата, која не стигнува само за сметки и стари долгови, до нашата редакција стигнаа многубројни барања за контакт или информации за начините на помош на ова семејство. Реакциите на текстот на нашата интернет страница, со наслов: „Долгови и празна трпеза“, покажува дека во Македонија има хумани луѓе кои сакаат да помогнат. Затоа, еве уште неколку детали за ова семејство од Прилеп, како и контакти за помош.

Безизлезот во којшто живее четиричленото семејство Соколоски од Прилеп, не им ја скаменува душата. Во секојдневната тага, студот и стравот од неизвесноста,сиромаштијата која пуштила корен во нивниот дом, од болестите кои секојден чукаат на нивната врата, тие сепак ја негуваат надежта и вербата во Бог. Седнати крај празната трпеза, ги голтаат солзите, за да не си причинат дополнителна болка еден на друг. Но, мајката Васе не успева секогаш. При секој дожд, таа тагува, зашто децата немаат ни чадор да одат на училиште, ниту топла облека.

„За Нова година, имавме само варени компири на масата. Срцето камен ми беше. Секоја куќа слави, си велев, а ние дома, немаме храна, децата барем вечерва да се израдуваат. Среќа маж ми, присобра гранки од реката, барем потопло да биде овде во оваа соба. Одненадеж заѕвони телефонот, се јави нашата драга сосетка, ги викна децата им подари новогодишен пакет со храна, со нејзе си дојдоа дома, радосни, масава ја наполнивме, среќа влезе во домот, сваривме кафе, се почестивме и така и ние ја почувствувавме Нова Година, децата ми се израдуваа“, со солзи и длабоки воздишки раскажува мајката Васе.

Од месечната плата на сопругот Жарко, градежен работник со 10.600 денари, ги отплаќа извршните решенија за вода и струја, па месечно не му остануваат повеќе од 3000-4000 денари...

„Овие пари не се доволни за никого, за еден човек, а не за нас,со две деца, јас не знам што да правам, не сум паметен, немам излез, работам, цели денови, но сатницата ми е 50 ден и тоа е се што можам да заработам“, вели таткото Жарко.

Двете ќерки се одлични ученички, Мартина има 16, а Марија 12 години. Тие се воспитани, прекрасни деца, толку внимателни и грижливи за своите родители. Сонуваат да имаат копјутер, полна трпеза, и облека, да имаат и тие топол и сигурен дом.

Доколку сте во можност да им помогнете, контактирајте го ова семејство на тел:075565573 или уплатете им донација на трансакциска сметка: 200002981031443 во Стопанска банка А.Д. Скопје-филија Прилеп, на име Васе Соколоска.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG