Достапни линкови

„Дамите на езерото“ во Велес


Со праизведбата на „Медеjа“ од Сашо Димовски во режија на Ненад Витанов, премиерата на „Жени од подземјето“ на Андреј Цветановски и со концерт на арт-дружината ФОЛТИН, на 6 и 7 февруари, во театарот „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ во Велес, ќе биде одржан музичко-театарскиот фестивал „Дамите на езерото“. Случувањето како организатори го потпишуваат Фестивалот на античка драма „Стоби“, Здружението за култура „Преспа“ од Лерин, како и Организацијата за родова еднаквост од Атина, а е дел од програмата на Европската унија за меѓугранична соработка помеѓу соседна Грција и Република Македонија.

На (суб)културен Велес, во ноќите од претстојниот викенд, ќе му се обистини музичко-театарскиот фестивал „Дамите на езерото“. Случувањето ќе започне со праизведбата на „Медеjа“ на Сашо Димовски во режија на Ненад Витанов.

Macedonia -

Macedonia -

Говорејќи за делото Димовски вели дека за разлика од античката неговата „Медеjа“ го испитува потеклото, односно генериката на трагизмот и со тоа текстот инкринира од драма – трагедија кон драма која зборува за ужасот на поединецот затекнат во своите несреќни околности, како и за креирањето на тие несреќни околности. Појаснува дека „Медеjа“ на Еврипид е концентрирана на убиството на децата, додека неговиот текст почнува според митот за Златното руно, односно убиството на братот на Медеjа, напуштањето на Коринт и доаѓањето во новата земја. Во таа нова земја се случува личното предавство, Медеја се предава себе си и со тоа ги убива сопствените деца.

Ова е заеднички проект и се однесува на организација на два фестивала. Еден во Велес, а друг во Лерин. Ние овде подготвивме две претстави и еден концерт споени во дводневен театарско-музички фестивал, а тие од лани ја имаа „Античка крв“ која ние веќе ја имавме минатото лето на ФАД „Стоби“.

„Еден дел од текстот е дислоциран од просторно-временските ориентири и граници и зборува за секое време, секој простор и за секоја една хипотетика која се јавува во очите на децата кои условно би биле живи и би биле сведоци на ужасот кој би следел во бракот меѓу Медеjа и Јасон. Мојата Mедеjа зборува за неможноста човек да се справи со себе и со сопствените постапки. Го третира физичкиот крај како нужност , а не како центар на трагизмот.“

Ова е прва соработка на драматургот со режисерот Ненад Витанов, главните улоги во пиесата, патем чиј пот-продуцент е битолски „Хаус-ком“, ги толкуваат моќните Габриела Петрушевска (Медеjа), Огнен Дранговски (Јасон) и Зорица П. Панчиќ (Нана), а за музиката и нејзината изведба на сцена е задолжен сепоприсутниот Сашко Костов.

Во недела, пак, на 7 февруари, на истата сцена во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, премиерно ќе биде изведена „Жени од подземјето“, авторски проект на младиот Андреј Цветановски, работен по мотивите од неколку антички драми како лабораториска вежба со млади глумци и студенти.

Режисерот истакнува дека во целиот процес зеле четири жени од античката драматургија како архетипи за тоа време и таа митологија. Ги одбрале Антигона, Медеjа, Електра и Алкестида и се обиделе да ги соочат со волјата на боговите, односно со волјата на богот на подземјето Хад.

„Да создадеме една нова приказна која што ќе можеме да ја погледнеме, да ја преиспитаме преку неа волјата на боговите, а исто така и да видиме како би реагирале и како би се однесувале овие четири ликови по завршувањето на драмата. По она што го знаеме за нив. Како би се чувствувале тие за работите, гревовите и херојските подвизи што ги имаат направено секогаш за еден маж. Независно од тоа дали е тоа син, татко или нивен маж.“

Во пиесата, зад која стои Дата поинт од Скопје, играат Ангела Димитрова, Душица Настева, Драгана Левенска, Александра Михајловска, Сергеј Димовски и Дамјан Цветановски, една „млада, но посветена екипа која беспоштедно влегла во овој проект и која создала свет различен од реалниот“. Сценограф бил Сергеј Светозарев, костимографка Марта Дојчиновска, а композитор Димитар Андоновски.

Истата вечер, со нагласено љубопитство, се очекуваат и ФОЛТИН – дружината која плени со својата оригиналност во звучниот израз и посебно со одамна пројавениот сценски артизам. Бранислав Николов, Пеце Трајковски, Гоце Јовановски, Пеце Николовски и Славчо Јовев и во оваа пригода се очекува да посегнат по класиците од нивните албумски објави како „Антитело“, „Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“, „Lo-Lee-Taa-Too“, „Donkey Hot“... со фокус на актуелниот „Пијан славеј“.

Инаку, проектот „Дамите на езерото“ како организатори го потпишуваат Фестивалот на античка драма „Стоби“, Здружението за култура „Преспа“ од Лерин, како и Организацијата за родова еднаквост од Атина, а е дел од програмата на Европската унија за меѓугранична соработка помеѓу соседна Грција и Република Македонија.

„Ова е заеднички проект и се однесува на организација на два фестивала. Еден во Велес, а друг во Лерин. Ние овде подготвивме две претстави и еден концерт споени во дводневен театарско-музички фестивал, а тие од лани ја имаа „Античка крв“ која ние веќе ја имавме минатото лето на ФАД „Стоби“. Сега на 19 февруари патуваме во Преспа и „Жени од подземјето“ ќе ја играме на островот Св. Ахил. Грците наедно подготвуват и книга за жените од регионов, од Повардарјето до тамошниот дел на Преспанско езеро“, ќе рече актерот Зоран Љутков, првиот човек на Фестивалот за античка драма.

Тој дополнува дека на овој начин културата поминува преку границите, дека ги надраснува взаемните недоразбирања и дека успева да изгради мостови на соработка. Како пример за тоа го споменува и учеството и добивањето на Гранд-При на атинскиот Роес денс тиатар со претставата „Електра перператор“ во режија на Софија Спирату во 2009 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG