Достапни линкови

Шеснаесетти „Зимски салон“ на ДЛУМ


Во Националната галерија на Македонија, во објектот „Чифте Амам“, во петок на 5 февруари, во 20 часот, ќе биде отворено 16. издание на меѓународната ликовна манифестација „Зимски Салон“. Темата на проектот чиј куратор овојпат е Хелена Фенцлова од Република Чешка е „Нивоа на нашата свест“, а со него започнува одбележувањето на 70-годишниот јубилеј на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Четириесет и пет дела од домашни творци и селекција од гости-автори од повеќе европски земји ќе бидат прикажани на 16-то издание на Меѓународната ликовна манифестација „Зимски Салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Отворањето на изложбата ќе биде овој петок, на 5 февруари, во Националната галерија на Македонија, во објектот „Чифте Амам“, а селектор на проектот е Хелена Фенцлова од Република Чешка.

Целта на овој тематски поттик е предизвикување на копнеж по спознание, апсорбирање, споделување и пренесување. Тие нешта се присутни во нашата свест, во различниот свет за нашите чувства и нашиот начин на мислење и нашето знаење за животот.

Фенцова инспирирана од географските карактеристики на Македонија, како и од разноликоста на индивидуалните интелектуални дејствија како тема за овогодинешното издание на „Зимски салон“ ја одбра „Нивоа на нашата свест“. Според неа овој наслов претставува „катализатор и индикатор кој го бруси ликовниот израз на поединечните пријавени автори“.

„Целта на овој тематски поттик е предизвикување на копнеж по спознание, апсорбирање, споделување и пренесување. Тие нешта се присутни во нашата свест, во различниот свет за нашите чувства и нашиот начин на мислење и нашето знаење за животот. Од друга страна ова подразбира дека творците можат да го променат своето размислување за себе, за околината, за творештвото и сето тоа да има ново, поинакво значење во нивниот живот“, вели кураторката.

Таа дополнува дека творците своите набљудувања и перцепции ги претопуваат со посредство на различни медиуми во оригинален израз на уметничкото дело и дека од Македонија си заминува збогатена со нови сознанија за овдешната современа уметност.

„Мислам дека сега знам малку повеќе за современата македонска уметност и нималку не се сомневам дека таа е на едно високо, европско ниво. Мене лично сето ова навистина ми се бендисува и сметам дека би било убаво овдешното актуелно творештво да биде презентирано во останатите европски земји, можеби во Чешка, Словачка...Среќна сум што сум овде и уште еднаш ќе речам дека навистина сум воодушевена од ликовното творештво што го видов.“

Со претстојниот „Зимски Салон“, ликовната манифестација основана во 1991 година, започнуваат и активностите за одбележување на големиот јубилеј – 70 години од формирањето и културната мисија на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

За таа цел асоцијацијата подготвува проширена програма во која, покрај вообичаените пројави како „Експериментален цртеж“, „Мал формат“, „Минијатура“, „Скопски урбани приказни“..., ќе биде промовиран и капиталниот проект „ДЛУМ – минато, сегашност и иднина“. Станува збор за проект кој што се состои од три изложби - „Минатото“ ќе понуди одбир на дела од доајените на македонската ликовна сцена, „Сегашноста“ е поврзана со авторите кои што твораш во денешно време и тоа ќе биде еден вид замена за големата Годишна изложба на ДЛУМ и третиот „Иднина“, всушност како Друштвото се гледа со новите генерации на ликовни автори.

Згора на тоа, како што ќе рече Кристијан Санев, актуелниот претседател на ДЛУМ, тие започнуваат уште еден значаен проект – Графичкото интернационално биенале кое му го оставаат на Градот и за кое се надеваат еден ден, како и „Зимски Салон“, да стане голема меѓународна изложба.

„Ќе имаме една убава програма, една нова програма, ќе има и некои нови посовремени проекти бидејќи сепак македонската ликовна сцена не се базира само на класични изложби, да кажеме сликарство, вајарство, графика...туку малку ги отвораме вратите и за некои посовремени проекти, она што го опфаќа новиот медиум, концептуални изложби, тука ќе биде вклучен и видео-артот, инсталациите, перформансите...така да имаме намера да ја освежиме онаа програма што ДЛУМ традиционално ја подготвувал и реализирал.“

Кон ова само уште информацијата дека на отворањето на 16-от „Зимски Салон“ ќе биде доделена традиционалната награда „Гранд-При“. Авторот на одбраното дело ќе добие едномесечен престој во атељето „Градот на уметностите“ во Париз.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG