Достапни линкови

Пентагон против руската агресија


Пентагон за идната година бара три милијарди и 400 милиони долари за справување со „руската агресија“. Тоа е за четири пати повеќе од средствата во буџетот годинава. Ова, пак, јасно је рефлектира загриженоста на американската администрација и на нејзините сојузници за намерите на Москва во Европа.

Сумата што ја обелодени американскиот секретар за одбрана Еш Картер е дел од планираниот одбранбен буџет од околу 583 милијарди долари за наредната фискална година.

Во него се наведуваат пет големи предизвици со кои се соочени американските вооружени сили: Русија, Кина, Северна Кореjа, Иран и екстремистичката група Исламска држава.

Според Картер, парите ќе бидат во рамките на програмата „Иницијатива за европска спокојност“ со која ќе се зајакне американското воено присуство во Источна Европа.

Тоа значи повеќе американски војници кои ќе ротираат во Европа, повеќе воени вежби и повеќе воена опрема.

Преземаме силен и балансиран пристап за да се спречи руската агресија. Не моравме да се грижиме за тоа 25 години и иако го посакувам спротивното, сега ќе мора да го правиме тоа.

„Преземаме силен и балансиран пристап за да се спречи руската агресија. Не моравме да се грижиме за тоа 25 години и иако го посакувам спротивното, сега ќе мора да го правиме тоа“, изјави секретарот Картер во говорот во Економскиот клуб во Вашингтон.

Соединетите Држави и сојузниците во НАТО воведоа неколку рунди санкции против Русија по анексијата на украинскиот полуостров Крим во 2014 година и поддршката на проруските сепаратисти во источна Украина.

Некои членки на НАТО, особено оние на Балтикот, апелираат на посилен одговор од Вашингтон, барајќи стационирање тешко оружје и тенкови и пофреквентно американско воено присуство.

Предлогот на Картер за зголемување на трошоците за оваа намена веднаш беше поздравен од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

„Ова е јасен знак за трајната определба на САД за европската безбедност. Тоа ќе биде навремен и значаен придонес за нашата колективна одбрана“, оцени Столтенберг.

Во предлогот Пентагон бара и дополнителни 59 милијарди долари за воени акции во Авганистан, како и над седум милијарди долари за борба против милитантите на Исламската држава во Ирак и Сирија, што е зголемување од 35 насто во однос на оваа година.

Вашингтон распореди специјални сили во Сирија и во Ирак. Картер прецизира дека во моментов во Ирак имало 3 илјади 700 припадници на американски воен персонал.

„Ние сме во потрага по можности за да направиме повеќе. Не сме во потрага за замена на локалните сили. Зошто? Бидејќи, не треба само да ги победиме милитантите на Исламската држава, туку треба таа победа и да ја одржуваме. Мора да има некој кој ќе ја одржува таа победа. Знаеме како е кога нема таква сила за одржување на победата“, рече американскиот секретар за одбрана Еш Картер.

По освојувањето големи територии во Сирија и во Ирак групата Исламска држава претрпе неколку порази во последните месеци, како резултат на воздушните напади од американската коалиција и Русија, како и копнените офанзиви од страна на курдските милиции и сириските сили.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG