Достапни линкови

Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот порача дека решението на кризата е во Скопје. Според Рот договорот од Пржино не е спроведен.

Завршете ја домашната задача, времето истекува, вратата на Европската Унија е отворена за вашата земја, на Македонија ѝ е потребна ЕУ и на ЕУ ѝ е потребна Македонија, особено овие денови, околу миграциското прашање но тоа не значи дека ќе има политичка попустливост околу преговорите за пристап кон ЕУ и политичката криза во вашата земја мора да биде итно решена. Ова се клучните пораки кои ги испрати државниот министер за Европа во германското министерството за надворешни работи Михаел Рот на дебатата со студентите на Правниот факултет во Скопје.

Тој кризата во Македонија ја опиша како многу тешка, затоа што не е само социјална криза или економска криза, туку е повеќе политичка криза на доверба. Рот вели дека Македонија изгуби многу кредибилитет на европската сцена, но и во самата земја, а Владата има посебна одговорност и таа треба да ги исполни сите детали од Договорот во Пржино.

„Според мојата проценка, две многу сензитивни прашање Владата не ги испорача, а тоа е регистрација на гласачи и состојбата со медиумите, и сега завршете ја вашата домашна задача, времето истекува. На 19-ти или 20 февруари ние ќе ја почекаме фер и отворена проценка за да се одлучи дали има шанса изборите да се одржат на 24 април, но ние не зборуваме само за избори, туку за фер и слободни избори“, вели Рот.

Тој изјави останува многу малку време за да се исполнат обврските од пржинскиот договор за да се организираат фер и чесни избори во април.

„Имплементацијата на договорот и реформите во моментов се далеку од тоа што треба да бидат, многу рокови и можности се пропуштени, работата на Специјалниот јавен обвинител е неколку пати опструирана, медиумските реформи се уште не ни започнале, а ревизијата на регистарот на гласачи требаше да почне уште пред неколку месеци. Парламентарната комисија за прислушување не функционира како што треба во демократската земја, надзорните парламентарни тела на разузнавачките служби и прислушување се уште не почнале со нивната важна работа.“

Целосна имплементација на Договорот од Пржино ќе не стави во добра позиција за ревитализирање на европската интеграција на вашата земја, изјави Рот. Тој додаде дека од круцијално значење е политичките лидери конечно да разберат дека иднината на земјата е во прашање и дека мора да го спроведат договореното, затоа што во спротивност, ризикуваат изборите да не бидат спроведени со чисти европски стандарди.

До 2014 година, Европската Комисија нотираше дека копенхагенските политички критериуми се исполнети, но за жал препораката не беше исполнета поради спорот со името кој , да бидам искрен сега не гледам дека тоа е најголем проблем за пристап кон ЕУ вели Рот.

„Но неколку чекори напред во решавањето на спорот за името неодамна се преземени од Грција и Македонија, двете министерства за надворешни работи одлучија да одржуваат добрососедски односи, ова е ветувачки знак. Мерки за градење на доверба може да бидат важен прв добар чекор кон изнаоѓање на политичко решение кое сите го чекавме предолго. Треба да биде можно да се изнајде име кое е прифатливо за двете земји. Ако овие напори се успешни, тогаш има надеж дека прогрес може да се постигне за почеток на пристапни преговори. “

Во однос на миграциската криза Рот изјави дека Германија е задоволна што Македонија покажа волја да ја преземе својата улога во справувањето со миграцискиот бран, а блиската соработка меѓу сите земји од западнобалканската рута останува од витално значење за справување со миграцискиот бран.

„Но дозволете ми да бидам многу јасен, ова не значи дека ќе има политичка попусливост кога станува збор за договорените решенија за политичката криза и за критериумите за пристап во ЕУ.“

Тој порача дека решението на политичката криза е во Скопје, а не во Брисел.
Рот ги охрабри младите и граѓанското општество да бидат активни при своите барања и да го кренат гласот.

Разбирам дека вие може да се чувствувате фрустрирани, ваше право е да бидете нетрпеливи, но вашата обврска е да бидете гласни и да бидете дел од овој процес, им порача Рот на студентите. Преговорите се повеќе од технички процес кој го води политичката елита и правни експерти, неопходно е силно и активно граѓанско општество за да бидат интерграциски процеси успешни, објасни Рот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG