Достапни линкови

logo-print

Кумановски Водовод најавува инвестициска година


Горан Стојковски, директор на Јавното претпијатие Водовод од Куманово.

Горан Стојковски, директор на Јавното претпијатие Водовод од Куманово.

Со реализирање на нови проекти, кумановски Водовод ќе биде меѓу првите на Балканот, вели директорот Горан Стојковски.

За кумановското локално комунално претпријатие за водоснабдување на граѓаните „Водовод“ тековната година ќе биде инвестициска, а со реализирање на нови проекти ќе биде меѓу првите на Балканот, вели Горан Стојковски директор на претпријатието.

Очекуваме кон крајот на месецот јануари одобрување на проектот за обнова на 20 километри канализациона мрежа во Општината Куманово, инвестиција вредна пет милиони евра.

„Очекуваме кон крајот на месецот јануари одобрување на проектот за обнова на 20 километри канализациона мрежа во Општината Куманово, инвестиција вредна пет милиони евра. Исто така, очекуваме да ни биде потврдено одобрување на проектот од еден милион и 600 илјади евра за замена на постоечки водомерни инструменти и поставување на зонско екипирање на градот Куманово, при што тие ќе бидат електронски поврзани и во секое време ќе имаме информација која зона колку вода троши, каков е притисокот и за најкусо време да интервенираме кога ќе имаме некој дефект“, вели тој.

Стојковски додава дека преку Центарот за развој на Североисточен плански регион очекуваат да стартува изградба на 20 километри атмосферска канализација во износ од еден милион евра.

„Се надеваме дека ќе ни биде одобрен и проект од околу 600 илјади евра за кој веќе имаме основен проект и ревизија за електронско поврзување на филтер станицата, дирекцијата на ЈП „Водовод“, алтернативните извори кај Митев Мост и Бедиње и пречистителната станица, што е модерен електронски систем, а претпријатието ќе биде во ранг на први водоводни претпријатија на Балканот кои воведуваат ваков систем“, вели тој.

Според Стојковски претпријатието претендира градот да прерасне во едно мало градилиште како во некои добри времиња. Од сето тоа бенефит ќе имаат и граѓаните и малите кумановски градежни фирми. Тоа подразбира во изградбата како подизведувачи да учествуваат мали фирми од градот кои имаат механизација.

Поголемиот дел од населбата Карпош често е без нормално водоснабдување, за што до скоро се велеше дека нема решение.

„Населбата Карпош ќе биде опфатена со дел на ревитализација на водоводната мрежа и со надградба на резервоари, за да се обезбеди комплетна покриеност на овој дел од градот. Населбата е дел од висока зона, таа енормно се разви последните години. За жал ЈП „Водовод“ и Општината не успеаја финансиски да го испратат тоа развивање на овој дел од градот со изградба на водоводна и канализациона мрежа. Се надевам дека во текот на годината проблемот со водоснабдувањето ќе биде надминат за населението таму да има основни услови за живот, меѓу кои е и нормално водоснабдување“, вели директорот.

Кумановци новогодишните празници невообичаено ги минаа со редовно водоснабдување, за што Стојковски појаснува дека потрошувачката не била зголемена, инаку индустрискиот вод и натаму е затворен, водоснабдувањето е преку главниот вод и алтернативните извори. Со формирање ново ЈП „Водостопанство“ на ниво на државата, Стојковски е оптимист дека нема да се повторуваат водните кризи. А по два милиона денара месечно „Водовод“ за услугите му плаќа на „Водостопанство“. Така е од септември 2013-та година откако Стојковски е директор, до последниот ден на 2015-та, кога се исплатени 68 милиони денари, за разлика од претходните седум години кога не бил платен ниту денар.

„Со овие два милиона се плаќа месечна сметка за вода и мал дел, за жал, од стариот долг, затоа што цената на водата е енормно висока и се обидуваме да не направиме нови долгови, а од старите ги плаќаме толку колку што имаме можност. Од септември 2013-та работиме со блокирана сметка, мора да исплатиме плати на вработените, струја и вода што добиваме, средства за работа и отстранување на дефектите кои што ги имаме од пет до седум дневно“, вели тој.

Стојковски е оптимист дека во државава ќе се сменат состојбите без оглед која партија ќе биде на власта. Тој додава и дека вработените во „Водовод“ веќе се ослободиле од неизвесноста на претпријатието и дека веруваат во негова просперитетна иднина.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG