Достапни линкови

За еден месец оценка дали има услови за избори во април


До 20 февруари САД и ЕУ ќе оценат дали се исполнети условите за одржување кредибилни избори на 24 април. Власта убедена дека дотогаш има време, а СДСМ велат дека во април нема да има избори.

Претставниците на меѓународната заедница дополнително во февруари ќе соопштат дали има услови за фер и демократски избори на 24 април. Амбасадорите на САД и на ЕУ во Македонија по денешната средба со премиерот Емил Димитриев рекоа дека тоа ќе го стореле во февруари.

Пред распуштањето на парламентот но не подоцна од 20 февруари ЕУ и САД во консултации со меѓународните и локалните експерти заедно ќе оценат дали има услови кои би довеле до одржување на кредибилни избори на 24 април.
Аиво Орав, амбасадор на ЕУ во Македонија.

„Пред распуштањето на парламентот, но не подоцна од 20 февруари, ЕУ и САД, во консултации со меѓународните и локалните експерти, заеднички ќе оценат дали има услови кои би довеле до одржување на кредибилни избори на 24 април“, рече амбасадорот на ЕУ Аиво Орав.

Амбасадорот на САД Џес Бејли, пак, наведе дека на крајот на парламентот, на владата и на политичките лидери е да донесат одлукa, наведувајќи дека ги охрабруваат сите партии, граѓани и организации да учествуваат во изборите.

„Исто така ги охрабруваме партиските лидери да се воздржат од напади на јавни личности чија работа е да создадат услови за кредибилни избори, тие имаат тешка работа да завршат. Таквата реторика не е од помош и ја подрива довербата дека може да се создадат услови за изборите да бидат прифатени како слободни и фер“, рече Бејли.

Димитриев по средбата со амбасадорите рече дека имало доволно време и услови до 24 април да се организираат фер и демократски избори во кои сите партии ќе имале доверба.

„Тоа ќе бидат фер и демократски избори според сите стандарди. Има време да се организираат изборите. Во изборниот закон, јасно е наведено кога тие треба да се одржат. Го повикувам СДСМ да не прави опструкции во однос на избирачкиот список и да ги повлече сите амандмани во однос на методологијата за прочистување. Фактот дека тие пред неколку дена тргуваа со избирачкиот список укажува дека нема проблеми со тој список“, рече Димитриев.

Претходно, претседателот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција најави дека избори на 24 април немало да има бидејќи како што рече поради законските одредби немало кога да се подготват сите работи за тие да бидат фер и демократски. Потребни се најмалку 85 до 90 дена за да се завршат сите подготовки за нивно одржување вклучувајќи и теренско прочистување на Избирачкиот список, додаде Заев.

„До 5 март како што е по закон, а тоа е 50 дена пред денот на изборите, има 37 дена. Ако се стигне до 15 април плус 50 дена, 5 јуни би можел да биде проектиран датум за избори. Ако се стигне до 15 мај, 5 јули би можел да биде првиот проектиран датум за избори “, рече Заев кој е категоричен дека Државната изборна комисија требала да го одреди датумот за изборите а не партиите да лицитираат со него. Според него одлуката за избори е еднострана на владејачките партии.

Слободни, фер и демократски избори може да има и ќе има, нагласи Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ додавајќи дека СДСМ ја имале контролата и врз Министерството за внатрешни работи и доминантно врз Државната изборна комисија, двете најодговорни институции за спроведување на изборниот процес.

„Да биде јасно за граѓаните, Државната изборна комисија веќе има утврдена методологија за прочистување на избирачкиот список. За таа методологија гласале сите членови на ДИК, вклучително и членовите кои во ДИК се избрани по предлог на СДСМ. Трите партии, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА веќе одамна ја прифатија оваа методологија. Ако СДСМ денес ја прифати методологијата ДИК ќе може уште веднаш да започне со прочистување на избирачкиот список“, рече Димовски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG