Достапни линкови

logo-print

Бејли и Орав: До 20 февруари ќе оцениме дали има услови за избори на 24 април


Амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли.

Амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли.

Договорот од Пржино го постави 24 април како датум за избори, а дотогаш треба да се создадат услови за кредибилни избори, порачаа амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав по денешната средба со премиерот Емил Димитриев. Амбасадорите велат дека до 20 февруари САД и ЕУ ќе оценат дали се исполнети условите за одржување кредибилни избори на 24 април.

„Договорот од Пржино го постави 24 април како датум. Тој исто така ги обврзува потписниците на структурни реформи, вклучително и мерки што ќе обезбедат поголема слобода на медиумите, пречистен избирачки список и спроведување на сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР со цел да се овозможат слободени и фер избори. Останува уште значителна работа за исполнување на тие услови. Пред распуштањето на парламентот и не подоцна од 20 февруари, ЕУ и САД, во консултации со меѓународни и локални експерти, заеднички ќе оценат дали условите се исполнети за да се одржат кредибилни избори на 24 април. На нашата средба со премиерот, ги споделивме критериумите што ќе ги користиме. Ги споделивме тие критериуми и со партиските лидери што го потпишаа договорот од Пржино и со кои тесно соработуваме многу месеци. Исто така ќе ѝ ги направиме достапни на јавноста“, се вели во заедничката изјава што амбасадорите Бејли и Орав ја прочитаа по средбата со Димитриев.

Тие велат дека одлуките сепак ги носат политичките лидери на Македонија. Амбасадорите рекоа дека ги охрабруваат сите партии, граѓани и организации да учествуваат на изборите и ги повикаа партиските лидери да се воздржат од напади врз јавни службеници, чија работа е да создадат услови за кредибилни избори.

„Таквата реторика не е од помош и ја подрива довербата дека може да се создадат услови за изборите да бидат прифатени како слободни и фер“, велат Бејли и Орав.

XS
SM
MD
LG