Достапни линкови

Партиите се далеку од компромис


За ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив кој било закон за медиуми од земја членка на ЕУ. СДСМ, пак, чека на другите три партии да се произнесат за нивниот предлог. Ваквиот развој на настаните не ветува дека ќе се дојде до некакво решение.

Во вторник се очекува поконкретно да се знае што ќе се случува во разговорите на работната група за спроведувањето на договорот од Пржино. Тогаш посредникот Питер Ванхауте, според најавите, ќе свика повторна средба, откако на последната СДСМ соопшти дека ги повлекува забелешките за методологијата за избирачкиот список, под услов другите три партии да го прифатат предлогот на Ванхауте за медиумите изнесен во декември.

Ова е стратегија на ВМРО-ДПМНЕ за да постојат тие сопки и пречки кои би овозможиле избори по нивниот терк. Сега во оваа замка влегува и СДСМ, со неприфаќање или одбивање на некои работи и влегува во тие комбинаторики кои не се корисни туку се негативни и штетни.

Ќе видиме што за медиумите ќе донесе посредникот во вторник, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ, повторувајќи го нивниот познат став дека за нив е прифатлив кој било закон од земја членка на Европската унија.

„СДСМ со повлекувањето на забелешките призна дека намерно ги кочеле работите и ја држеле земјата во заложништво“, коментираат од владејачката партија, не прецизирајќи дали би го прифатиле веќе изнесениот предлог на Ванхауте за медиумите.

Од СДСМ остануваат на веќе изнесениот став - ги повлекуваат забелешките за методологијата за прочистување на избирачкиот список, но само ако биде прифатен предлогот за медиумите на посредникот од декември. Додаваат и дека нивните забелешки за методологија предвидувале целосна теренска проверка, но и оти со тоа што го планира Државната изборна комисија проверката на терен ќе биде обемна, бидејќи, како што велат, би се вршела онаму каде што ќе се појават спорни моменти од вкрстените податоци, а и по укажувања на граѓани.

Според аналитичарот Алајдин Демири ниту ваквиот развој на настаните не ветува дека ќе се дојде до некакво решение.

„Ова е стратегија на ВМРО-ДПМНЕ за да постојат тие сопки и пречки кои би овозможиле избори по нивниот терк. Сега во оваа замка влегува и СДСМ, со неприфаќање или одбивање на некои работи и влегува во тие комбинаторики кои не се корисни туку се негативни и штетни“, вели Демири.

Во меѓувреме партиите ги очекуваат два нови рокови – повторната посета на еврокомесарот Јоханес Хан најавена за средината на февруари и веќе изгласаната одлука за распуштање на собранието на 24 истиот месец, што доколку и се случи всушност ќе се намалат можностите за некаков договор за одложување на изборите.

„Не верувам дека ќе има избори на 24 април затоа што по ниту една цена нема да се договорат така лесно и за ова прашање, пак ќе се одолговлекува, пак ќе дојде Хан или некој друг. Сето тоа се прави со една единствена цел што повеќе сопки да се направат и миниран да биде процесот“, вели Демири.

Двете други партии потписнички на Договорот од Пржино, ДУИ и ДПА претходно ги повлекоа забелешките за методологијата што ја предложи ДИК, а немаа ниту покрупни несогласувања за медиумите. Тие исто како и ВМРО-ДПМНЕ инсистираат изборите да се одржат на 24 април.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG