Достапни линкови

Во џамиите нема закана од радикален ислам


Поглаварот на ИВЗ вели дека засега нема опасност, но за во иднина не може да гарантира и повикува на заедничка соработка за справување со оваа закана. Експертите велат дека Македонија е плодно тло за создавање на радикален ислам.

Поглаварот на ИВЗ Реис ул Улема, Ефенди Сулејман Реџепи, изјави дека во џамиите нема закана од радикален ислам, но во иднина не знае како ќе се одвиваат работите и ги повикува сите субјекти во државата да работат заедно за спречување на оваа појава. Минатата година ИВЗ побара од полицијата да интeрвенира за враќање на контролата во двете скопски џамии кои неколку години не беа под нејзини ингеренции, а не е непознато дека таму имаше лица кои не се наши државјани и вршеа проповеди. Поглаварот има резерви кон акциите кои ги имаше во меѓувреме полицијата и смета дека ИВЗ сама се справува со овој проблем.

Што се однесува до радикалниот ислам моментално, барам таму каде што ние дејствуваме и вршиме надзор, можам слободно да гарантирам дека нема сега засега. Не може да гарантирам во наредниот период како ќе биде, тука треба сите субјекти заеднички да настапиме.
Поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул Улема, Ефенди Сулејман Реџепи

„Што се однесува до радикалниот ислам моментално, барам таму каде што ние дејствуваме и вршиме надзор, можам слободно да гарантирам дека нема сега засега. Не може да гарантирам во наредниот период како ќе биде, тука треба сите субјекти заеднички да настапиме. Сега засега, за жал, јас сум убеден дека правната држава не функционира“, вели Реџепи кој е гостин во неделното интервју на Слободна Европа.

Експертите нагласуваат дека Македонија и натаму не е имуна на влијанијата на исламските терористи и дека остануваме плодно тло за создавање на радикалниот ислам.

Професор Стојан Славески вели дека е неопоходна поширока општествена акција за да има резултат во одвраќање од идејата за заминување на боиштата во кризните земји.

„Треба да бидеме свесни дека радикалниот ислам не може така лесно да се искорени. Потребна е координирана акција помеѓу повеќе надлежни институции. Има луѓе кои кои одат на Блискиот Исток, имавме и полициска акција и навестување за сето тоа дека постои во нашата држава и наеднаш тоа не може да исчезне без една координирана акција“, вели Славески.

Според податоците на институциите, околу 130 државјани на Македонија биле или се уште се на боиштата во Сирија. Еден од факторите кои придонесуваат за радикалниот ислам во Македонија, според професор Славески, е тоа што Македонија е мултиетничко општество, а ризик фактор претставува и сиромаштијата.

„Во Македонија како едно мултикултурно општество секако дека постои погодно тло за радикализација, особено на младите луѓе, невработените меѓутоа и оние кои се од разни причини незадоволни. Образованието исто така може да има туку многу значајна улога во смисла на едукација на младите и превенирање на вакви појави“, додава Славески.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG