Достапни линкови

Јов или (без)смисла во бесмислата во Драмски театар


Работена како прва премиера во 2016 година, в петок на 29 јануари, во 20 часот, во Драмски театар – Скопје, ќе се случи праизведбата на претставата „Јов“ од Венко Андоновски во режија на Сашо Миленковски. Според творците, ова е проект „за страдањето, трпението и пократкиот пат“ и „пиесата која не дава одговори, туку поставува само прашања, оти добро и вистинито поставеното прашање е секогаш подрагоцено од лош и лажен одговор“.

По „Кандид“ во 2006 и „Кинегонда во Карлаленд“ три години подоцна, Венко Андоновски и Сашо Миленковски, како последен дел од заедничката трилогија, на сцената на Драмски театар на крајот на јануари ја донесуваат „Јов“.

Јов знаете дека е старозаветен лик. Тој вид на ликови ние не ги разбираме. Ние нити сме толку упорни луѓе, нити толку вербата нè држи. Ние можеме само да се инспирираме од тоа.

„Јов знаете дека е старозаветен лик. Тој вид на ликови ние не ги разбираме. Ние нити сме толку упорни луѓе, нити толку вербата нè држи. Ние можеме само да се инспирираме од тоа. Инаку, вакви какви што сме можеби не сме и достојни за тоа. Можеби и не сме достојни да правиме претстава за Јов. Тоа го правевме муабет, но се обидуваме да раскажеме наша приказна за тоа. Негова, моја, така и таа соработка функционира“, вели Миленковски.

Тој дополнува дека со овој проект всушност тие се обидуваат да го направат првиот од следните 10 чекори во нивната соработка како режисер, како автор и актери со кои се надева дека ќе развијат некаква естетика која ќе го одбележува Драмскиот театар во иднина. Вели дека театарскиот јазик со кој тие ѝ се обраќаат на публиката е заснован на „фрактално мислење“. Дека актерот, кога ќе излезе на сцена во претставата, е оставен комплетно на цедило. Дека ништо не му помага и сите се во надеж дека тој од таа осама ќе искреира нешто.

Андоновски, пак, откако ќе забележи дека со Јов како сопствена опсесија живеел во последниве три-четири години, потенцира дека сите ние денес патиме од „сознајна или гносеолошка депресија“ и дека се „разболуваме од тоа што бесмислата нè оптоварува од сите страни и сè помалку наоѓаме смисла во животот“ и затоа оваа претстава се обидува со, на некој начин, бесмисла да делува терапевтски токму врз таа наша сознајна, гносеолошка депресија“. По оној хомеопатски систем, дека исто со исто се лекува.

„Темата е јасна – бараме смисла дури и во бесмисленото, а можеме да ја бараме и преку бесмислата. Значи, тука е тој момент што го викаме фрактална драматургија или фрактална театрализација, сценско поставување на текстот“, вели Андоновски.

Авторот појаснува дека Јов е фигура која што е работена скоро од сите важни светски писатели, дека тоа не е ништо ново, но дека тие се обиделе да го преместат во наше време и да видат „како денес функционира стрпливоста, односно трпението кое оди заедно со страдањето“.

„Се обидовме да направиме една претстава во која ќе говориме дали некој воопшто страда денес, ако страда зошто страда и има ли смисла тоа страдање. Фактички ги поставивме оние универзални прашања што ги поставувале многу големи писатели како Достоевски, Шопенхауер... Сите нив ќе ги препознаете во некои реплики на сцената. Нè интересираше и тоа што е слободна волја и како може таа да помогне кога има природни закони кои ве ограничуваат. За нив вашата желба или волја не значи ништо. И се разбира, бидејќи сите овие прашања се поврзани со прашањето има ли Бог, го допираме и моралното прашање. Ако нема Бог, тогаш сè е дозволено, празната душа станува игралиште на Ѓаволот и човек му се приклонува, а ако има Бог, тогаш има смисла и да се трпи и да се искачуваш нагоре кон него, а тоа значи и да придонесуваш кон некој општ бенефит на заедницата“, вели тој.

Во оваа, како што ќе речат нејзините творци, „изразито политичка претстава која се бави и со најсуштественото и универзално прашање - што и правиме на планетата“, играат Игор Стојчевски, Соња Стамболџиоска, Филип Трајковиќ, Златко Митрески, Игор Георгиев, Александра Павлова, Емилија Мицевска и Благица Димитровска, актерите за кои се вели дека го градат ликот на Драмски од иднината“.

„Една од пораките којашто ја пренесува претставата е дека не треба да се суди никому. Дека кога со прст ќе покажете кон некого, со останатите девет покажувате кон себе. Така и Јов. Не мислам дека е праведник на кој му се случуваат само неправди во животот“, ќе рече Стојчевски, кој ја толкува насловната улога.

Инаку, дизајнот на претставата е на Владимир Симоновски, кореографијата на Валентин Апостоловски, а автор на музиката е долгогодишниот соработник на Миленсковски – Венко Серафимов.

„Инспирацијата за музиката во овој проект е од едно класично дело на Фредерик Шопен – Прелудиум бр. 4. Меѓутоа на полно места нема да го препознаете во претставата, но сигурно ќе го почувствувате. И едно од интимните прашања кои јас си ги поставувам е што станува со едно ремек-дело во времево во кое што живееме. Во време на интернет, во кликање на Јутуб, каде што никој нема нерви да отслуша повеќе од 30 секунди. Дали е судбината на тоа ремек дело денес и во она време што доаѓа, та дури и судбината на нашата цивилизација, сепак суштинското прашање. Се почувствував должен кон Шопен и тоа да го кажам. Јас лично, на различни начини, ја упропастив неговата музика во оваа претстава, но сигурен сум дека доколку беше жив некој од нив сепак би му се допаднале“, вели тој.

Кон ова само уште информацијата дека во Драмски течат подготовките за детската претстава „Снежана и седумте џуџиња“ во режија на Димче Николовски – Димсата, а веднаш потоа фокусот ќе биде на големиот јубилеј – 70 години од постоењето на театарот и за таа цел Сашо Миленковски ќе посегне по култниот текст на Дејан Дуковски - „Буре барут“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG