Достапни линкови

Корупцијата на сцена, демократијата во аут


Корупцијата останува сериозен проблем, властите се неефикасни во борбата, нотира Транспаренси интернејшнал. Во Македонија порано имало надеж за позитивни промени, но сега корупцијата расте, а просторот за граѓанското општество и демократија се намалува.

Корупцијата во секторот човековите слободи и права, економските индикатори, неможноста да си ги остварат своите права во правниот систем, ја сместуваат земјата во групата на земји кои имаат сериозен проблем со корупцијата.

Македонија го дели 66 место, со Турција и Сао Томе и Принципе, во извештајот за Индексот за перцепција на корупција на Транспаренси интернејшнал за 2015 година што беше објавен денеска. Тоа е пад од две места во однос на минатогодишниот извештај кога земјава беше рангирана на 64 место. На листата на 168 земји и територии, Македонија има 42 поени, при што нула е најслаба, а 100 најдобра оценка. За споредба, во ланскиот извештај земјава има 45 поени.

Забележавме и нереагирање на институциите на јавно објавување на случаи на корупција во текот на минатата година, коишто уште еднаш потврдија дека во Македонија постои состојба прво на заробена држава.

Корупцијата се уште претставува сериозен проблем, но не и проблем со висок приоритет во Македонија, вели претседателката на Транспаренси интернејшнал – Македонија, Слаѓана Тасева. Таа вели дека постои застој во борбата со корупцијата, активностите што ги преземаат властите се недоволни, а институциите се неефикасни.

„Институциите не изреагираа на најкарактеристичните состојби на укажување на корупција, вклучително тука е и проектот Скојпе 2014, но забележавме и нереагирање на институциите на јавно објавување на случаи на корупција во текот на минатата година, коишто уште еднаш потврдија дека во Македонија постои состојба прво на заробена држава во којашто сите институции се под контрола на еден центар и постои состојба на недопирливост на високата корупција и на оние коишто се високо во власта, во политиката или во бизнисот.“

Во извештајот се наведува дека мал број земји во Европа и во Централна Азија напредувале на листата и дека општата слика во овој голем регион е стагнација. Владите се подготвени да донесат закони за справување со корупцијата, но нивното спроведување е друга тема, се наведува во извештајот.

„Многу е загрижувачко нагласеното влошување во земјите како Унгарија, Македонија, Шпанија и Турција. Тоа се места каде што порано имаше надеж за позитивни промени. Сега сме сведоци дека корупцијата расте, додека просторот за граѓанското општество и демократија се намалува“, се наведува во извештајот.

Во регионот Словенија е на 35 место, Хрватска на 50, Грција на 58, Црна Гора на 61, додека послабо рангирани од Македонија се Бугарија, која е на 69 место, Србија на 71, Босна и Херцеговина на 76, Албанија на 88, а Косово на 103 место.

На врвот на листата се Данска, Финска и Шведска, додека последното место го делат Сомалија и Северна Кореја. Во земјите коишто се на врвот медиумите се слободни, сите се исти пред правдата, буџетските податоци се транспарентни, а луѓето кои се на власт имаат одговорности.

„Голем проблем кај нас е неефикасноста на правосудниот систем во целина, не само судството како такво, ние се соочивме со една исклучително голема неефикасност и инертност или заробеност на јавниот обвинител којшто е надлежен да спроведува истраги за да тие стигнат до Судот“, вели Тасева. Таа додава дека најдобар успех во борбата против корупцијата имаат земјите во кои граѓаните реагираат и пријавуваат корупција.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG