Достапни линкови

Спроведувањето на Договорот од Пржино создава хаотичната ситуација дома, а тоа пак конфузија и надвор. Проблем е однесувањето на партиите, но и некоординираност меѓу надворешниот фактор.

Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за регулирање на медиумите кои за медиумската фела се неприфатливи и разногласието меѓу еврокомесарот Јоханес Хан и белгискиот олеснувач во преговорите Питер Ванхауте дополнително фрлаат сомнеж врз тоа дали Договорот од Пржино ќе биде целосно спроведен.

Ние треба да се потсетиме на дефиницијата на МРТВ и треба партиите да ги тргнат рацете од јавниот сервис ако сакаме да имаме една професионална, независна и граѓанска институција.

Последните предлози од ВМРО-ДПМНЕ, укажуваат уште еднаш дека партиите немаат одговорност кон граѓаните и не се заинтересирани за нивното добро, вели директорката на Високата школа за новинарство и односи со јавност, Жанета Трајкоска. Јавниот интерес, според неа, го третираат како тесно партиски интерес од кој тие ќе профитираат. Трајкоска истакнува дека предлогот за поставување на уредник од опозицијата во МРТВ на 100 дена пред избори, односно еден од ВМРО-ДПМНЕ и еден од СДСМ е неболуза и партиите забораваат што е јавниот радиодифузен сервис.

„Ние треба да се потсетиме на дефиницијата на МРТВ и треба партиите да ги тргнат рацете од јавниот сервис ако сакаме да имаме една професионална, независна и граѓанска институција, односно телевизија и радио во кои што главниот примат ќе биде јавниот интерес во служба на граѓаните, а не во служба на ВМРО, ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА“, смета Трајкоска.

Приближување во преговорите меѓу партиите засега нема. Во меѓувреме Хан за бугарскиот неделник Капитал на прашањето за изборите во Македонија изјави дека не е важно дали сите партии ќе учествуваат, туку е важен квалитетот на изборниот процес. По што неговата портпаролка коментираше дека изјава на Хан била извадена од контекст. Ванхауте пак истакна дека нема чуство оти партиите сакаат понатаму заедно да работат и дека за кредибилни избори е потребно време и најпрвин треба да се обезбедат сите предуслови.

Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески истакнува дека хаотичната ситуација дома создава конфузија и надвор. Според него, иако главната слабост е начинот на кој што се однесуваат партиите во процесот, особено владејачките има некоординираност и меѓу надворешниот фактор, иако тој настапува од заеднички позиција и неговата цел е демократизација на политичкиот систем и фер и демократски избори.

„Така што очигледно е дека нема некоја координација околу целава оваа работа затоа што од една страна имаме инсистирање на суштината на Договорот од Пржино, а тоа е да се создадат услови за демократски избори, а од друга страна имаме инсистирање на датумот, кој што самиот од себе си доаѓа. Но, мора да има проценка што во меѓувреме е сработено. Тука очигледно не успеваме да се координираме. Ниту ние внатре, ниту тие надвор.“

Малески додава дека може да се случи во таква дисхармонија да се оди повторно на избори без се спроведат сите одредби од Договорот од Пржино.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG