Достапни линкови

Специјалното обвинителство покусо за две обвинителки


Од Советот на јавни обвинители тврдат дека две обвинителки биле избркани од Специјалното обвинителство. Вториве велат дека обвинителките не се избркани, туку дека немало работа за нив.

Тричлена комисија ќе испитува како се избркани двајца обвинители од тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, соопшти денеска претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски. Тој посочи дека пред една недела од две обвинителки Лејла Кадриу и Марија Ѓоревска биле отстранети без никакво решение и без никаква постапка. Аневски вели дека обвинителките пред една недела се пожалиле за начинот на кој, како што вели, најблаго речено биле избркани од Специјалното јавното обвинителство.

Утврдено е дека за совладување на обемот на работа со кој се соочува ова Јавно обвинителство во овој момент доволни се десет обвинители. Имајќи го предвид фактот дека јавните обвинителства од каде доаѓаат јавните обвинители се соочуваат со недостаток на кадар предложено е да ги распредели овие обвинители во обвинителствата од кои беа избрани.

„Истите на 20 јануари, пред недела дена, дојдоа во мојата канцеларија вознемирени и видно револтирани за начинот на којшто беа најблаго речено избркани од јавното обвинителство, кажувајќи им дека треба да ги предадат предмети и да ги предадат клучевите и да ја испразнат канцеларијата и да се сместат кај полицајците. Тие тоа не го прифатиле и заминале од работа“, вели Аневски.

Од Кабинетот на Јанева велат дека двете обвинителки не се веќе дел од тимот поради недоволен обем на работа и дека за тоа уредно бил известен Советот.

„Утврдено е дека за совладување на обемот на работа со кој се соочува ова Јавно обвинителство во овој момент доволни се десет обвинители. Имајќи го предвид фактот дека јавните обвинителства од каде доаѓаат јавните обвинители се соочуваат со недостаток на кадар, што и јавно беше соопштено од страна на Советот на јавни обвинители, предложено е на Советот на јавни обвинители, да ги распредели овие обвинители во обвинителствата од кои беа избрани во ова Јавно обвинителство“, се наведува во писмениот одговор на прашањата на Радио Слободна Европа.

Аневски додаде дека вчера добиле и писмено известување од Јанева кое било спротивно на тврдењето на обвинителките, во кое се вели дека тие сами побарале да заминат и заради намален обем на работа одлучиле да ги отстранат.

„Мислам дека воопшто не држи и не е во ред, знаете дека еден месец наназад се расправавме околу бројот на јавни обвинители и ние викавме дека се многу и сега испадна дека се многу, значи она што го тврдевме испадна дека е точно. Ние формиравме комисија од три члена која ќе го испитува овој случај и донесеме потоа други одлуки“, вели Аневски.

Откако комисијата ќе се произнесе за случајот по сослушување на двете страни, Советот на јавни обвинители ќе треба повторно да заседава за дали има потреба за намалување на бројот на обвинители во тимот на Јанева. Аневски најави дека наскоро ќе биде повикана и специјалната обвинителка да одговори на прашањата за овој случај и за постапката околу примените материјали кои СДСМ ги достави на 30 декември. По однос на ова прашање, Советот одлучил да побара од Специјалното обинителство да му достави информација на каков начин се примени материјалите, дали е составен записник и, како што тврди Аневски, статистички податоци, колку на број се прислушувани разговори, доставени од СДСМ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG