Достапни линкови

logo-print

Биди човек, подари книга - за затворениците


По само триесеттина дена од успешно промовираната граѓанска иницијатива „Подари книга“, оваа сабота, на 30 јануари, од 11 до 15 часот, во книготеката „Децата од нашата улица“ во Скопје, е планирано да се случи продолжението на акцијата. Овојпат под мотото „Биди човек, подари книга“ ќе се направи обид да бидат собрани што поголем број на книги за збогатување на постојните или за формирање на нови затворски библиотеки во казнено-поправните институции во Република Македонија.

Знам по себе дека кога човек е болен и лежи, поинаку ги доживува книгите и е многу поотворен за она што го пишува во нив. И може многу да му повлијаат, да најде утеха и да стане макар малку подобар човек од порано.

Она што јас го разбрав е дека библиотеките во затворите, таму каде што постојат, се со многу застарен фонд на книги. Дека практично од осамостојувањето на Македонија наваму, значи од распадот на СФРЈ, кога земјава стана независна, не е многу сторено за обновување на фондот на книги и дека им фалат понови изданија.

Ова, меѓу другото, ќе го забележи писателот и педагогот Тихомир Јанчовски во едно од своите декемвриски писанија, наднасловени како „Рурбано“, во Утрински весник. Со тоа, тој , на начинот на кој и му прилега, ќе ја најави граѓанската иницијатива што заеднички ќе ја потпишат со Саша Шотаровски и “Децата од нашата улица“. И, згора на тоа со мнозината свои колеги, издавачи и над сè граѓани на Скопје.

А, првиот нивни обид резултираше со околу 2.000 собрани книги, кои под мотото „Подари љубов, подари книга“, по идеја на еден млад лекар, отидоа за формирање на болнички библиотеки на оние оддели каде што не постојат.

И, по еден таков охрабрувачки почеток, во последнава сабота од јануари, од 11 до 15 часот, во книготеката што се наоѓа на улица „Аминта Трети“ број 29 во Скопје, е планирано да се одржи втората рунда од собирањето книги кои овој пат ќе одат за формирање затворски библиотеки.

„Она што јас го разбрав е дека библиотеките во затворите, таму каде што постојат, се со многу застарен фонд на книги. Дека практично од осамостојувањето на Македонија наваму, значи од распадот на СФРЈ, кога земјава стана независна, не е многу сторено за обновување на фондот на книги и дека им фалат понови изданија. Затоа во објавата така и се изјаснивме. Побаравме дарителите да изберат некои книги што мислат дека ќе се соодветни за луѓето таму и кои по можност би требало да бидат изданија од понов датум, од последниве 20 години“, вели Тихомир Јанчовски.

Во обраќањето на организаторите на социјалните мрежи е забележана и замолницата да се подаруваат само соодветни дела и по можност оние кои подаруваат, се разбира доколку сакаат, да напишат сопствена посвета до непознатиот читател. Згора на тоа потсетуваат дека некои затвореници изјавиле оти единственото нешто што ги одржува во живот и им дава каква-таква утеха и надеж е токму читањето.

Од друга страна, потписниците на иницијативата потенцираат дека станува збор исклучиво граѓанска акција која нема никаква врска со некоја институција, партија, министерство, општина, НВО, амбасада или слично, туку со конкретни личности.

Се работи за нешто што е надвор од било каква институција. Значи, тука не е замешана ни државата, ни некое министерство, ниту партија, општина...та дури и НВО. Не сакаме да си имаме работа со институции, туку го правиме ова на лично ниво. И затоа мислам дека има голем одек. На луѓето им е смачено и од политика, некакви колективни идентитети...и овде тие доаѓаат како луѓе, како личности, како име и презиме ...и подаруваат книга на непознат човек. Луѓето чувствуваат дека прават нешто добро – истакнува Јанчовски.

Тој дополнува дека ваквата иницијатива не е новина, дека и државните структури се обиделе да спроведат слична акција некаде 2014 година, но тогаш одѕивот бил многу слаб. Затоа констатира дека е многу битно кој се јавува како организатор и дека, конечно, тоа влијае на мотивацијата на луѓето за да одговорат на повикот.

Инаку, во план се уште најмалку три обиди за реализирање на оваа идеја при што би се собирале книги за хендикепираните, за домовите за стари и изнемоштени лица...а потем организаторите, како што велат „ако самите немаат сили“, веројатно некому ќе му ја отстапат оваа хумана акција. За нив и не е битно кој во иднина ќе ја спроведува, туку едноставно да се собираат книги и да се предаваат на оние на кои навистина им се потребни.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG