Достапни линкови

Груевски најави дека народот ќе се одмазди на изборите


На 24-ти април, доаѓа казната и одмаздата на народот, доаѓаат неговите 5 минути, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски во своето обраќање на Годишната конференција на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа е ден кога овој народ, народот на Македонија, на сите ќе им покаже кој е кој во оваа држава, односно чија е оваа држава. Во април, народот на Македонија ќе си ја врати делумно одземената власт, и преку масовното гласање на изборите ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери и ќе испрати неколку пораки“, рече Груевски.

Првата порака, според Груевски, која ќе ја испрати народот е дека само тој одлучува за иднината на земјата и дека никој друг не може со валкана игра да му го одземе тоа суверено право. „Ова ќе биде порака кон внатре и надвор од земјата“, рече Груевски.

Второ порака е до политичарите - дека со валкана игра не се освојува довербата на народот, туку со работа и резултати, со реформи.

„Мислам дека после тоа, после оваа лекција која ќе дојде на изборите преку општонародното масовно гласање, ќе помине долго, многу долго време, пред на некој политичар да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, Чауши, Ванхојтовци, Катици и со продавачи на магла на типови чија главна цел е да ги изрекетираат бизнисмените во нивниот град“, рече Груевски.

Третата порака, пак, ќе биде дека не може криминалец да дојде на власт, а четвртата, како што рече Груевски е дека народот е мудар.

„Цела година СДСМ соработуваше со ѓаволот, сега ѓаволот си доаѓа по своето“, рече тој.

XS
SM
MD
LG