Достапни линкови

Егзотични отрови за противниците на Кремљ


Семе од рицин.

Семе од рицин.

Отров од егзотична билка најден во телото на рускиот олигарх Александар Препилични во Лондон. Поранешниот руски шпион Александар Литивенко отруен со радиоактивен полониум. Радио Слободна Европа направи преглед на напади за кои се верува дека бил користен отров, против противниците и критичарите на Кремљ низ годините.

Гелсемиум – Срцекршачка трева

Најголем извор на отровот Гелсемиум е Гелсемиум елеганс или „срцекршачка трева“, ретка сорта на растение кое расте само во Азија. Руски и кинески атентатори користат метод на убиства со храна во која има од ова растение.

Тестовите покажале траги во неговиот стомак, кои можеле да бидат предизвикани само со високо токсичното растение Гелсемиум.

Александар Перепилични

Александар Перепилични беше руски олигарх и критичар на Кремљ, кој побарал засолниште во Велика Британија во 2009 година. Тој помагал во една швајцарска истрага на шема на перење пари и обезбедувал докази против наводно корумпирани функционери во Москва. Тој, исто така, обезбедил докази и против руски функционери поврзани со смртта на адвокат Сергеј Магницки, кој умре во 2009 година во еден московски затвор. Адвокатот работеше на антикорупциски случаи. Перепилични почина во 2012 на 44-годишна возраст додека џогирал пред неговиот дом во Сари, а пред да умре им се пожалил на колегите дека добил смртни закани.

Иако тој беше четвртиот човек кој умре во чудни околности, а е поврзан со случајот Магницки, полицијата во Сари првично заклучи дека нема ништо сомнително во неговата смрт. Но, потоа, британските власти повторно ја отворија истрагата за неговата смрт, откако тестовите покажале траги во неговиот стомак, кои можеле да бидат предизвикани само со високо токсичното растение Гелсемиум. Во токсиколошкиот извештај била наведена „сериозна загриженост“ дека Перепилични можеби бил убиен затоа што помагал да бидат разоткриени големи руски криминални измами.

Полониум-210

Александар Литвиненко.

Александар Литвиненко.

Полониумот е редок и високо радиоактивен елемент кој може да се најде во ураниумовата руда. Полониум-210 е околу 250 илјади пати потоксичен од водород цијанидот, кој сам по себе е исклучително отровна течност која може да брзо да предизвика смрт.

Александар Литвиненко

Александар Литвиненко беше поранешен офицер на Руската служба за безбедност, кој избега во Лондон со своето семејство во 2000 година и доби политички азил. Тој беше отруен во суши бар во Лондон во ноември 2006 година, а обдукцијата откри траги од полониум-210 во неговото тело. Британски експерти велеа дека тој бил првиот човек кој починал од акутно труење со полониум-210. Пред да умре, Литвиненко напиша писмо во кое обвинува дека рускиот претседател Владимир Путин наредил да го ликвидираат. Тој ги обвинуваше руските безбедносни служби дека вршат бомбашки и други напади во обид да го донесат Путин на власт, тврдења што руските власти ги негираат.Литвиненко, исто така, го обвини Путин дека го наредил убиството на руската истражувачка новинарка Ана Политковскаја, жесток критичар на Кремљ, која беше смртно застрелана помалку од два месеци пред смртта на Литвиненко.

Талиум

Талиум е хемиски елемент кој се наоѓа во руди базирани на калиум, но исто така, е спореден производ од преработка на сулфидните руди. Мали, нетоксични количини на радиоизотопот талиум-201 се користат во нуклеарната медицина. Талиумовите соли се високо токсични и се користат како отрови против стаорци и инсекти. Труењето со талиум резултира со губење на косата.

Николај Хохлов

Николај Хохлов бил советски агент на КГБ, кој пребегнал во САД во 1953 година и сведочел за операции на КГБ. Тој бил лекуван од труење со талиум во Франкфурт, Германија, во 1957 година, по неуспешниот обид за атентат од страна на КГБ, што е веројатно првиот радиолошки напад од страна на агенти на КГБ. Поранешни офицери на КГБ тврдат дека Хохлов бил труен со радиоактивен полониум, токму онака како што Литвиненко беше отруен во 2004 година, а не од талиум. И во случајот со Литвиненко првично беше погрешно дијагностицирано како труење со талиум, наместо со полониум-210.

Јуриј Шчекочихин.

Јуриј Шчекочихин.

Јуриј Шчекочихин

Јуриј Шчекочихин беше руски истражувачки новинар и пратеник кој водеше кампања против корупцијата и организираниот криминал во Русија. Тој почина во 2003 година, само неколку дена пред да се сретне со американските агенти на ФБИ, од мистериозна болест со знаци на сериозна алергиска реакција. Руските власти изјавија дека тој починал од Лиелов синдром, но неговиот медицински третман и документите од обдукција останаа под контрола на Руската служба за безбедност. Некои истражувачи велат дека симптомите на болеста на Шчекочихин биле слични со симптомите на радиоактивното труење на Хохлов и Литвиненко.

Тетрахлородибензодиоксин (ТЦДД) – Диоксин

Ова соединение најчесто, иако неточно, се нарекува диоксин. Соединението е безбојно, без мирис и во тврда агрегатна состојба на собна температура. Тоа било користено од страна на војската на САД во војната во Виетнам. Соединението е класифицирана како канцерогено за луѓето од страна на Меѓународната агенција за истражување на ракот.

Виктор Јушченко.

Виктор Јушченко.

Виктор Јушченко

Украинскиот политичар Виктор Јушченко беше труен со опасни количини на ТЦДД кон крајот на 2004 година, за време на претседателската трка против Виктор Јанукович, кандидат кој беше руски фаворит. Тестовите покажаа дека во него биле пронајдени толку високи количини на ТЦДД, што е втората највисока концентрација на TCDD некогаш измерена кај човекот. Како резултат на тоа, лицето му беше изобличено, но тој полека се опоравува. Јушченко, кој ја фаворизира европската интеграција и членството на Украина во НАТО, рече дека неговото труење „не е обичен чин“. Тој ги обвини руските власти дека не соработувале во истрагата за да најдат кој е одговорен за неговото труење. Официјалните изборни резултати покажаа дека Јанукович е победник, но тоа доведе до протести на Портокаловата револуција. Врховниот суд потоа пресуди дека имало голема изборна измама во корист на Јанукович и нареди ново гласање на кое овој пат победи Јушченко.

Сарин и други нервни агенси

Сарин е течност без боја и мирис која предизвикува смрт со гушење бидејќи жртвите не се во можност да ги контролираат мускулите кои се вклучени во дишењето. Најопасен е кога се вдишува. Течноста лесно се претвора во гас и концентрации на пареа, исто така, можат да навлезат во кожата. Саринот од страна на Обединетите нации е прогласен како оружје за масовно уништување. Складирање на сарин е забрането согласно Конвенцијата за хемиско оружје.

Ибн ал-Хатаб

Руските служби за безбедност соопштија дека нивни оперативци го убиле Ибн ал-Катаб, милитант роден во Саудиска Арабија, кој се борел заедно со чеченските милитанти во рускиот Северен Кавказ во текот на деведесеттите години од минатиот век и почетокот на овој. Тој почина во 2002 година. Неговите роднини и други чеченски извори велат дека тој бил отруен кога примил писмо на кое имало „брзо-дејствувачки нервен агенс“, можеби сарин или негов дериват. Руските медиуми објавија дека писмото му го доставил дагестански двоен агент кој бил платен од страна на Федералната служба за безбедност.

Рицин

Советскиот Сојуз користел отров рицин како оружје за време на Студената војна, кога КГБ се сомничеше за обиди за атентат врз најмалку тројца добро познати бегалци од Варшавскиот пакт. Рицинот се произведува од семки од растението рицинус комунис, од кои се произведува и рициново масло. Кашата од осум мелени семки се смета за опасна доза за возрасни. Но, ретки се смртни случаи од јадење семиња од ова растение, бидејќи човековото тело може да го свари токсинот. Рицинот е најтоксичен кога се вдишува, инјектира или на друг начин ќе се најде во крвотокот. Во форма на прочистен прав, доза со големината на неколку зрна од кујнска сол е доволно силен за да се убие возрасен човек.

Георги Марков.

Георги Марков.

Георги Марков

Најсуровиот случај е т.н. убиство со чадор на бугарскиот дисидент Георги Марков во 1978 година. Тој работел како новинар во Лондон, за Би Би Си и Радио Слободна Европа. Починал четири дена откако во ногата му биле инјектирани дози на рицин. Британските инспектори се сомневале дека отровот му бил вбризган преку врвот на чадор со кој бил боцнат во ногата додека обидувал да се качи на автобус во Лондон.

Владимир Костов

Сличен обид за атентат 10 дена порано имало и против друг бугарски дисидент кој работел за Радио Слободна Европа, Владимир Костов. Костов бил застрелан во грб со истиот тип од рицин додека одел во метро станица во Париз, во август 1978 година, но бидејќи само дел од рицинот стигнал до неговиот крвоток, тој преживеал.

Борис Корчак

Во август 1981 година, двојниот агент на ЦИА со полско потекло Борис Корчак бил погоден во својот бубрег со сличен вид на топчиња со рицин испукани од воздушна пушка додека купувал храна во Вирџинија. Тој го преживеал нападот и бил убеден дека зад него стои КГБ.

Неидентификувани отрови

Хафизула Амин

Хафизула Амиз бил авганистански политичар за време на Студената војна. Тој кратко време(три месеци) бил и претседател во 1979 година по атентатот на неговиот претходник, просоветскиот претседател Нур Мухамед Тараки. Советските официјални претставници тврдеа дека Амин бил агент на ЦИА. Еден агент на КГБ, кого го инфилтрирале во претседателската палата и станал готвач, се обидел да го отруе Амин на 13 декември 1979. Но, Амин се посомневал дека го трујат и му ги дал храната и пијалокот на својот зет кој се разболел и бил испратен во болница во Москва. Две недели подоцна, Амин бил убиен од страна на советските сили кои упаднале во претседателската палата во Кабул. По неговата смрт, Советски Сојуз го поставил Барбак Кармал заавганистански претседател.

Ана Политковскаја.

Ана Политковскаја.

Ана Политковскаја

Политковскаја беше руски истражувачки новинар, активист за човекови права и критичар на Кремљ. Таа се разболе во септември 2004 година, откако испила чај за време на авионски лет со Аерофлот од Москва до јужниот дел на Русија додека траеше заложничката криза во училиштето во Беслан. Политковскаја веруваше дека зад нејзиното труење стојат Руските безбедносни служби. Тогаш таа преживеа, но две години подоцна беше застрелана во лифтот на зградата во која живееше во Москва.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG