Достапни линкови

logo-print

ЕУ планира „забетонирање“ на границата меѓу Македонија и Грција


ЕУ планира да ја „забетонира“ границата меѓу Грција и Македонија за да го запре натамошниот проток на бегалците преку „балканската рута“ кон западноевропските земји, пишува лондонски „Фајненшл Тајмс“.

Засега нема сознанија како би се извела една таква операција, но од порано се најавува дека значително ќе се засили контролата на оваа граница, не само со пограничните сили на двете соседни земји, туку и со полициски сили од земјите на ЕУ. Според овие сознанија, не се исклучува можноста грчко-македонската граница и да се „огради“ со поставување жица.

Пред два дена, потребата од „блокирање“ на јужната македонска граница ја истакна и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој за време на посетата на Љубљана изјави дека ЕУ ќе мора да ги „забетонира“ границите на Македонија и Бугарија со Грција, за да се смири напливот на бегалци во ЕУ.

Лондонскиот весник пренесува изјава на грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој ваквите планови на Унијата директно не ги осудува, освен што забележува дека Атина стравува оти блокадата на границата кон Македонија ќе создаде бегалска „црна дупка“ во пограничниот реон и во Грција.

Ваквиот план го поддржуваат не само Брисел и Унгарија која прва се изјасни за еден ваков потег, туку и другите земји на „балканската рута“, особено откако неколку земји членки на Шенген зоната времено ја суспендираа спогодбата и воведуваат погранична контрола, а други ги „бетонираат“ границите кон соседите.

XS
SM
MD
LG