Достапни линкови

logo-print

Безбедносните разузнавачки служби кои не се предмет на отчетност се неприфатливи во една модерна демократија, а подобрувањето на внатрешната контрола и надворешен надзор на разузначките служби е клучно за квалитетно реформирање на службите е заклучокот на странските експерти кои беа дел од извештајот за надзор на разузнавањето.

Комисиите за надзор треба да бидат овластени да извршуваат планирани и непланирани посети, да имаат пристап во просториите и да вршат инспекција на техничките капацитети на сите безбедносни и разузнавачки служби. Исто така треба да се размисли за систем на парламентарен надзор, зајакнат со надворешно и независно експертско тело, а комисиите да имаат пристап до безбедна и заштитена соба за состаноци во Собранието каде може да ја вршат својата работа.

Препораките кои ги споделив со вас ако се спроведат може да претставуваат основа од каде може да се гради еден подолгорочен систем на надзор и отчетност. Прашањето е како овие препораки ќе станат оперативни од парламентот и која е временската рамка за ова.

Ова меѓу другото е наведено во Извештајот кој содржи резиме и препораки околу работата на безбедносните и разузнавачките служби во Македонија.

Извештајот е резултат на три состаноци на комисиите организирани од Центарот за Контрола на вооружените сили од Женева и вклучува измени во законодавството и во процедурите со цел да се зголеми ефикасноста на надзорот врз службите.

Марк Ремилард од Женева нагласи и дека законот треба да воспостави независен механизам на жалби како што е народниот правобранител или независен панел од експерти, каде јавноста би можела да се пожали околу наводни прекршувања на законот во поглед на прикриено собирање информации.

„Препораките кои ги споделив со вас ако се спроведат може да претставуваат основа од каде може да се гради еден подолгорочен систем на надзор и отчетност. Прашањето е како овие препораки ќе станат оперативни од парламентот и која е временската рамка за ова“, изјави Ремилард.

Горан Мисовски, кој е претседавач на Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење комуникации, рече дека препораките во извештајот зборуваат за степенот на демократија во државава.

„Ќе цитирам еден дел од резимето и препораките во кој се наведува дека безбедносно разузнавачките служби што не се предмет на отчетност се неприфатливи во една модерна демократија. Она што ни се случи со скандалот со прислушувањето тоа е класично пробивање на безбедносниот систем што не е видно во пошироки рамки во поголем дел од Европа“, вели Мисовски.

Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ со став дека сите забелешки во извештајот се надминливи, но дека во Македонија проблем е ниското ниво на безбедносна култура.

„Препораките се реални, конкретни и треба да се спроведат, но не значат ништо ако не ја подобриме безбедносната култура во Собранието и ако не ја подобриме надпартиската соработка во делот на собраниските служби“, вели Саздов.

Ернат Фејзулаху од ДПА ги обвини претставниците од ДУИ, кои се заменици директори во безбедносните и разузнавачките служби, дека не прават ништо во врска со прислушувањата на Албанците и ги критикуваше дека тие не знаеле ниту компјутер да вклучат.

Павле Трајанов со став дека после скадалот со прислушувањата се уште останува непознато дали и натаму се следат комуникациите на граѓаните и дополни дека не се направени суштински реформи во работата на разузнавачките служби.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG