Достапни линкови

Границата повторно отворена за бегалците


Сегрегацијата што ја прават европските земји при прием на бегалци со одредени ограничувања и норми, како домино ефект има влијание и врз македонската политика кон бегалците, велат активистите.

Во Македонија може да влезат само оние бегалци кои во нивните документи кои ги добиваат во Грција е наведено дека нивна крајна дестинација е Германија или Австрија, велат од Министерството за внатрешни работи. Од таму додаваат дека не можат да кажат по чие барање е донесена ваква одлука.

Моментално нема проблеми, освен што се направи застојот со кој за да може најверојатно да се усогласат документите за регистрација и тоа што се бара од страна на одредени европски држави, конкретно од Австрија, со нашите документи кои ги дававме претходно.
Јасмин Реџепи, Легис.

На социјалните мрежи оваа информација веќе се пренесува и од грчките активисти во Идомени кои тврдат дека сите бегалци кои во документите навеле дека ќе бараат азил во други земји од Европската унија ќе бидат вратени назад во Грција. Според нивните информации, оваа одлука ја спроведуваат српските и хрватските власти по барање на австриската влада.

Состојбата на македонско-грчката граница е мирна по вчерашното затворање на влезот за бегалците. Денеска Котата 59 е повторно проодна за нив, а причината за затворањето, како што велат од МВР, е барањето на Словенија за редуцирање на бројката на бегалци поради проблеми со нивната железничката пруга.

Словенечката амбасада, пак, го дематираше ова.

Јасмин Реџепи од невладината организација Легис вели дека поради застојот, во транзитниот центар Винојуг има околу 200 бегалци, а се очекува да пристигнат уште 500 со кои подоцна ќе бидат превезени до Табановце.

„Моментално нема проблеми, освен што се направи застојот со кој, за да може најверојатно да се усогласат документите за регистрација и тоа што се бара од страна на одредени европски држави, конкретно од Австрија, со нашите документи кои ги дававме претходно. И сега новиот момент е дека при влезот треба да кажат во која сакаат да одат за да може полесно да се следи и да им се дадат информации во тие земји каде што ќе одат, за да се подготват за нив“, вели Реџепи.

Тој додава дека сегрегацијата што ја прават европските земји при прием на бегалци со одредени ограничувања и норми, како домино ефект има влијание и врз македонската политика кон бегалците.

„Мислам дека ние како држава, како институции сме принудени на тоа, што не е добро, бидејќи сите чекори до сега што ги преземаат овие земји членки, само додатно ја влошуваат состојбата. Се прават тензии кај бегалците, се зголемува бројот на илегалната миграција која па отвара пат за кривични дејствија, како што е нелегалното минување на граница, како што е криумчарењето, како што се локалните криминалци кои што ги напаѓаат илегалните мигранти, кои што повторно се движат навечер пеш по патиштата и пругите“, вели Реџепи.

Додека штрајковите и натаму продолжуваат во Грција и го проблематизираат пристигнувањето на бегалците, сепак во последните 24 часа со 37 бродови во Лезбос пристигнале над 1800 бегалци, тврдат грчките волонтери на терен.

Грчките медиуми пишуваат дека и покрај лошите временски услови, според податоци на полицијата, само вчера во центарот за регистрација пристигнале над 1.200 бегалци и мигранти, што е невидено голем број за лошите временски услови во регионот.

Изминатите 24 часа македонските полицајци не издале ниту една потврда на странски државјани за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, соопшти Министерството за внатрешни работи. Од почетокот на годината до вчера, односно во изминатиов месец низ Македонија транзитирале речиси 36 илјади бегалци.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG