Достапни линкови

Добро е да се знае јазикот на другиот


Во македонските паралелки во основното училиште Братство Единство во Дебар, албанскиот јазик се учи како изборен предмет и резултатите се задоволителни, велат од училиштето. Учениците велат дека добро е да се знае јазикот на другиот оти живеат заедно.

Покрај тоа што македонскиот јазик се изучува редовно во албанските паралелки во Дебар, албанскиот јазик како изборен предмет сто отсто е прифатен и во македонските паралалки. Во деветолетката „Братство Единство“ во која наставата се изведува на македонски и албански јазик, велат дека сите ученици во македонските паралалки со задоволство го следат албанскиот јазик и резултатите во однос на познавањето на тој јазик се задоволителни.

Албанскиот јазик исто така е добар јазик, кој јас го обожавам. Имаме два часа неделно. Добро е што го учиме јазикот, живееме овде заедно.
Ученичка од деветто одделение во училиштето Братство Единство.

„Во основното училиште Братство Единство од поодамна се учи како изборен предмет албанскиот јазик и тоа од шесто до деветто одделение во македонските паралелки. Јазикот се изучува преку соодветен учебник одреден од страна на Министерството за образование на Македонија и го предава соодветен наставник по албански јазик. Резултатите покажуваат дека успехот задоволува. Ова се одразува позитивно и на потребата за комуникација на децата односно учениците во средина каде што доминантен јазик е албанскиот“, вели Берзат Османовски заменик директор во оваа најголема деветолетка во Општина Дебар. Според него и родителите и децата ученици позитивно се изјасниле за изучување на албанскиот јазик како изборен предмет.

Во македонските паралелки учениците наведуваат дека доволни се часовите за следење на наставата на албански јазик.

„Доволни ни се часовите по албански јазик, затоа што албанскиот јазик го говориме и на улица и во нашата средина каде што живееме. Исто така покрај тоа што добро говорам, добро и пишувам“, вели една од ученичките во македонските паралелки во деветто одделение.

„Албанскиот јазик исто така е добар јазик, кој јас го обожавам. Имаме два часа неделно. Добро е што го учиме јазикот, живееме овде заедно“, додава уште една ученичка од деветто одделение во училиштето Братство Единство.

Добар дел од учениците од македонските паралелки кои имаат соседи Албанци, говорат мошне добро албански, но тие додаваат дека и нивните другарки и другари од албанските паралелки доволно добро комуницираат на македонски јазик.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG