Достапни линкови

Европската иднина на Македонија зависи од Пржино


Врз основа на спроведувањето на Договорот од Пржино ќе биде проценуван напредокот на Македонија, вели холандскиот амбасадор Пломп. Евроамбасадорот Орав се пожали на црната кампања што се води против посредниците во справување со кризата.

Исполнување на сите делови од Договорот од Пржино е од клучно значење за европската интеграција на Македонија, бидејќи според тоа ќе биде проценет напредокот на земјата по спроведувањето на парламентарните избори, порача холандскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп додека ги презентираше приоритетите на холандското претседавање со ЕУ во Собранието во отсуство на опозицијата. Според него наредните месеци ќе бидат од суштинско значење за Македонија и изрази жалење што сите политички партии не постигнале договор за датумот за изборите, кои нагласи, треба да бидат фер, слободни и инклузивни.

Понекогаш тие медиумски кампањи резултираат со конкретни закани и тоа значи дека во некои случаи мора да го зголемиме и нашето обезбедување.
Аиво Орав, евроамбасадор.

„Меѓутоа како претседателство се надеваме и очекуваме дека сите политички партии ќе ги исполнат своите обврски и дека ќе продолжат да соработуваат конструктивно за целосна имплементација на договорот од Пржино, вклучувајќи ги и прашањата кои треба да се разрешат. Поточно листата на гласачи и да се овозможат кредибилни избори во однос на меѓународните стандарди“, рече Пломп.

Евроамбасадорот Аиво Орав рече ЕУ е тука да помогне, бидејќи Македонија е кандидат држава и сакаат се да се врати на правиот пат. Но се пожали и на негативните страни како медиумските кампањи против посредниците во справување со кризата, еврокомесарот Јоханес Хан, европарламетарците и олеснувачот Питер Ванхауте.

„Понекогаш тие медиумски кампањи резултираат со конкретни закани и тоа значи дека во некои случаи мора да го зголемиме и нашето обезбедување“, вели Орав.

Орав истакна и дека е рано да се констатира дали договорот од Пржино е мртов. Тој нагласи дека неговото спроведување било со многу задоцнувања, при што ЕУ во наредните недели ќе ја ревидира и процени ситуацијата и тоа, според Орав е најдобриот период за Македонија да ги исполни реформите.

„Она што е важно за вас и она што е важно за нас е да се има фер, веродостојни и инклузивни избори. Се надеваме дека во следниот извештај на ЕУ терминот кој најчесто се користеше во октомври, уназадување ќе биде заменет со терминот напредок. Да се вратиме на медицинските термини се надевам дека оваа интензивна терапија за неколку недели ќе помогне да се одржи во живот договорот од Пржино“, порача Орав.

Пломп нагласи и дека Европа се соочува со огромна бегалска криза која бара соработка меѓу сите држави, посебно со земјите од Западен Балкан кои се на наоѓаат на рутата. Според него, Македонија успешно се справува со кризата и ЕУ ќе обезбеди дополнителни средства за помош. Во однос на проширувањето тој истакна дека очигледно е оти Западен Балкан е дел од ЕУ и сите земји треба да станат членки, но и да ги исполнат потребните реформи. Холандското претседателство, како што истакна Пломп ќе работи на принципот на транспарентност и ќе имаат четири приоритети, сеопфатен пристап кон миграцијата, нови работни места, здрав финансиски систем и климатските промени и енергетски прашања.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG