Достапни линкови

Прочистен избирачки список ќе отвори многу проблеми


Со непрочистен избирачки список власта може да прави манипулации на избори, па затоа не и одговара тој да биде прочистен. Досега сите партии манипулирале со списокот, велат експертите.

Можно е прочистувањето на Избирачкиот список во Македонија, но политичките партии, особено кога се наоѓаат во позиција на власт, не сакаат тоа да се случи бидејќи прочистен Избирачки список ќе значи нивно откажување од лесна победа на изборите, коментираат експертите.

СДСМ во своето време, ДПА, ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ, сите на одреден начин си го земаа својот дел од тој вишок на избирачи што ги има во тој избирачки список. Ако евентуално се направи прочистување, тогаш ќе се отвори една дилема: колку реални избирачи имаме и колку население има Македонија.
Алајдин Демири, политички анаитичар.

Партиите во земјава со години не успеваат да направат прочистување на Избирачкиот список, тоа и сега претставува проблематично прашање од Договорот од Пржино, без чие спроведување како што најави опозициската СДСМ, нема да учествува на избори на 24 април.

Експертите велат дека Избирачкиот список крие многу непознати работи во однос на демократското функционирање на изборите во Македонија. Политичкиот аналитичар Алајдин Демири коментира дека досега сите партии во земјава со него имаат правено манипулации.

„СДСМ во своето време, ДПА, ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ, сите на одреден начин си го земаа својот дел од тој вишок на избирачи што ги има во тој избирачки список. Ако евентуално се направи прочистување, тогаш ќе се отвори една дилема: колку реални избирачи имаме и колку население има Македонија. Другата работа е дека тој избирачки список, ваков каков што е, овозможува многу лесна победа на било кој да е на власт. Вчера беше СДСМ, денес е ВМРО- ДПМНЕ и од таа лесна победа не се откажуваат партиите на власт“, вели Демири.

Колку време и ресурси се потребни за прочистување на Списокот се клучните дилеми во јавноста. Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, минатата недела изјави дека темелно прочистување не е можно до 24 април. Сепак, ДИК синоќа усвои процедура за користење и обработка на лични податоци, при што било предвидено дека при прочистувањето треба да се вкрстуваат податоците од 13 државни институции: Фондот за здравство, МВР, Фондот за пензиско осигурување, УЈП, Државен завод за статистика, Катастар, НБРМ, општините, Водовод и канализација. За да почнат со конкретна работа тие сега ја чекаат методологијата што треба да ја предложат потписниците на пржинскит договор.

ВМРО - ДПМНЕ и ДУИ во понеделникот пред формирањето на новата Влада соопштија дека ја прифаќаат Методологијата на ДИК за прочистуавње на Списокот. И министерот за финансии Зоран Ставрески, изјави Министерството ќе ги одобри потребните вработувања во ДИК и финансиски ќе помогне во сите сегменти на Комисијата за организирање на парламентарните избори на 24 април.

Универзитетскиот професор Темелко Ристески вели дека нема логика во Избирачкиот список да се наоѓаат милион и 800 илјади гласачи, ако Македонија има два милиони и 20 илјади жители:

„Значи гласаат и луѓе коишто требало да бидат симнати од Избирачкиот сисок, луѓе коишто се одамна умрени и тие не треба да бидат на Избирачкиот список. Според некои проценки на Избирачкиот список би требало да се најде една бројка од милион и 200 илјади гласачи“, вели Ристески.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG