Достапни линкови

Младите бараат поскоро да се обнови домот Копанки


Планинарскиот дом настрада во пожар во 2013 и се уште не е реновиран. Младите бараат да се забрза постапката за негова обнова.

На младите битолчани на Пелистер им недостига планинарскиот дом Копанки кој им беше сврталиште кога ја посетуваа планината. Ова е трета година како домот не работи по страотниот пожар во 2013 година кога изгоре до темел. Се уште не е реновиран домот каде битолчани по скијањето или планинарењето застануваа да се стоплат со чај и да уживаат во прекрасната глетка и локацијата која беше една од најсончевите. Денес остатоците од изгорениот објект го нагрдуваат ликот на Пелистер. Младите бараат да се забрза постапката за негова обнова.

Рекоа наводно дека ќе го прават Копанки, од оваа година ќе почнеле да го градат. Да имаме дом, катче каде ќе можеме да се стоплиме, да се напиеме кафе или чај. Има викендаши, рекреативци кои не се скијачи, за нив да седат предолго надвор е студено, мора некаде да се згрејат.

„Рекоа наводно дека ќе го прават Копанки, од оваа година ќе почнеле да го градат. Да имаме дом, катче каде ќе можеме да се стоплиме, да се напиеме кафе или чај. Има викендаши, рекреативци кои не се скијачи, за нив да седат предолго надвор е студено, мора некаде да се згрејат.“

„Копанки мора да се рековира под итно, вака го нагрдува ликот на националниот парк“, велат неколкумина млади битолчани.

Обновата на домот кој е во сопственост на планинарско-спортскиот клуб Пелистер се оддолжи зашто од општинските служби беше констатирано дека домот бил дивоградба, па беше покрената постапка за негова легализација. Неодамна клубот го доби решението за легализација и најави реконструкција.

„Добивме решение за утврдување на правен статус на бесправен објект, имено Копанки стана легален објект во сопственост на планинарскиот спортски клуб Пелистер. Сега со овој документ се надевам дека во текот на оваа година ќе го изградиме и да биде поубав од она што беше“, рече Диме Попов, претседател на клубот.

Откако домот изгоре повеќе здруженија и фирми најавија дека ќе соберат средства за негова обнова. Но, нема податоци дали и колку пари се собраа.

Инаку, домот почна да се гради во далечната 1938 година, а по ослободувањето беше доградуван од страна на битолски планинари ентузијасти. Малкумина од нив денес се живи и раскажуваат дека одејќи пеш со часови на раце ги носеле градежните материјали.

„Почнавме од ништо, со ентузијазам и пеш. Сечевме дрвја, правевме патеки, го градевме Копанки. Тоа беше голем ентузијазам, од Битола требаше во три часот на утро да се тргне пеш за на планина со лепче во торбите. Одевме со часови, носевме градежни материјали. Ако беше лето останувавме и за викенд горе само да се изгради што повеќе. Градевме во многу тешки услови, но со голем елан“, велат Перко Атанасовски и Пеце Маричо, планинари ветерани од Битола.

Копанки на 1.600 метри наморска височина беше култно место на битолските планинари и скијачи кои очекуваат поворно да се издигне од пепелта.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG