Достапни линкови

Изаири - Загадувањето ќе се решава со гасификацијата


Гасификацијата значајно ќе придонесе за подобрување на амбиенталниот воздух. Ќе треба време додека да се изгради, па понатаму ќе ни треба и секундарна и терцијарна мрежа низ градовите. Тоа е еден процес што ќе трае, но основите ќе бидат поставени оваа година, вели министерот за животна средина Нурхан Изаири во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Изаири, секоја година неколку градови во Македонија имаат проблеми со страшно загадување на воздухот и секоја година има дискусија за фабриките, автомобилите, греењето и за тоа кој е виновен за загадувањето. Дали се преземаат поригорозни мерки коишто ќе дадат резултат и на подолг рок?

Има краткорочни и долгорочни планови кои треба да придонесат за подобрување на амбиенталниот воздух. Владата сериозно размислува за овие мерки и ние кажавме дека оваа година ќе почнеме со гасификација низ целата територија на земјата. Гасификацијата значајно ќе придонесе за подобрување на амбиенталниот воздух. Впрочем, еден од најголемите индикатори за загадувањето се домаќинствата, греењето, а со гасификацијата ќе се придонесе до користење на централно греење, а исто така и домаќинствата ќе може да го користат гасот како можно решение.

Кога може да очекуваме резултати од гасификацијата за да го почувствуваме тоа намалување на загаденоста на воздухот? Има ли такви проценки?

Овие процеси, овие постапки и така се викаат, среднорочни и долгорочни и затоа нивната имплементација ќе почне, но тие проблеми не се решаваат преку ноќ. Ќе треба време додека да се изгради, па понатаму ќе ни треба и секундарна и терцијарна мрежа низ градовите. Тоа е еден процес што ќе трае, но основите, фундаментот оваа година ќе бидат направени и тогаш сите ќе знаеме дека владата вложува сериозни напори за решавање на овој проблем. Исто така ние и понатаму размислуваме за подобрување на амбиенталниот воздух со други мерки, да кажеме субвенции за пренасочување кон друг тип на греење.

Има ли за тоа некакви конкретни активности?

Има, како не. Ние разговараме и се разбира дека ќе излеземе и со такви резултати, што ќе се субвенционира за да може граѓаните да ги користат овие субвенции.

Како министер за животна средина, инсистирате ли на владините седници да се преземат некои поригорозни мерки од типот на забрана за сечење дрвја, забрана на градежни активности на владини објекти во ек на загадувањето, потоа построга контрола на сообраќајот?

Впрочем, ние кон крајот на минатата година дадовме препораки до два града, исто така тие препораки ги разгледавме на седница на влада. Дел од нив беа прифатени, дел не беа прифатени.

Зошто не беа прифатени?

Ние, како што знаете, дадовме препорака за возење пар-непар, меѓутоа ЈСП, според нивни кажувања и според кажувањата на градоначалникот на Град Скопје, не се спремни со дополнителни транспортни средства. Затоа владата размислува, и во тие среднорочни е долгорочни мерки, решението на транспортот на ниво на државата, поготово во тие неколку градови кои се познати по загадениот амбиентален воздух, поинаку да се размислува околу транспортните средства, односно да се воведат други транспортни средства.

Целото интервју со министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири може да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG