Достапни линкови

МЛАДОСТ: две асоцијации


Владо Данаилов, член на младинската организација Мугра.

Владо Данаилов, член на младинската организација Мугра.

Младост за мене е (ќе биде) незапирливиот порив кон (не)извесната иднината на животните кои се носени кон касапница. Во исто време, младост е и уморот што го совладува телото и умот на играчот после ракометен натпревар, пишува Владо Данаилов, член на младинската организација Мугра во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Сакам да раскажам две кратки приказни. Вистинити приказни кои ги поврзува само зборот младост. Или врската сум јас, односно фактот што сум бил дел од приказните. А можеби и воопшто не треба да се бараат и опишуваат (не)постоечките врски – кому тоа би му служело?

Младост за мене е (ќе биде) незапирливиот порив кон (не)извесната иднината на животните кои се носени кон касапница. Во исто време, младост е и уморот што го совладува телото и умот на играчот после ракометен натпревар.

Приказна прва: Еден од моите двајца дедовци е касап (butcher), т.е. беше касап долго време од својот живот. Сега е пензионер. Неговата касапница се викаше МЛАДОСТ. Големите црвени букви до скоро беа убаво залепени на големите стакла над влезот. Младост беше првиот збор што го прочитав сам, гордо, кога имав помалку од шест години. Сè уште живо се сеќавам на парчињата крваво месо што висеа обесени на метални куки. На подот под нив обично можеа да се видат капки крв кои формираат вирови. Многу ретко имав прилика да бидам присутен кога на младите или помалку младите животни им беше отсекувана главата. Не ги заборавам звуците испуштени од животните во тие–нивни последни–мигови. Посакувам да бидам вегетарјанец секогаш кога ќе се сетам на сликата како јагне се дави во сопствената крв. (А јагнешкото месо е толку вкусно!)

Приказна втора: Никогаш не посакував да бидам спортист. Понекогаш играв фудбал или кошарка, и тоа најчесто–ако не и единствено–на часовите по физичко образование. После некој систематски преглед беше утврдено дека мојот ‘рбет почнува да се искривува. Моите родители неуморно се посветија на создавање услови за исполнување на препораките од лекарите кои секогаш гласеа: треба да вежбаш! Посетував бањи, одев на пливање, носев ортопедски помагала, правев вежби за исправување на грбот... Почнав да тренирам ракомет во РК Младост Богданци. Младост извојува многу победи, можеби беше и на прво место во супер–лигата, не се сеќавам. Не се сеќавам и дека некогаш сум бил премногу возбуден во врска со тоа, за разлика од останатите. После три месеци констатирав дека не сакам да продолжам со тренинзи, и така имаше повеќе од доволно играчи–аспиранти.

Зошто овие две приказни?

Ако постои можност да се преведе крикот на животните–патриоти (верни на своите стопани) претпоставувам ќе се читаат испрекинати сигнали: …сета оваа агонија ќе биде зад нас… Македонија е силна и отпорна … денес правам важен чекор... за заедничката иднина на нашата татковина... Одиме заедно, напред... и ние сме дел од таа голема победа. Слично на играчите кои под државните знамиња пожртвувано се борат за победа на спортскиот терен. Драг читателу, имаш поинаква асоцијација?

Младост за мене е (ќе биде) незапирливиот порив кон (не)извесната иднината на животните кои се носени кон касапница. Неизмерна е силата со која животните се борат за последниот здив. Не сум сигурен дали знаат дека им е последен. Веројатно знаат. Или барем претчувствуваат. Во исто време, младост е и уморот што го совладува телото и умот на играчот после ракометен натпревар. Умор измешан со бол и бес. Оти во секој натпревар сигурно има не–толку–извесни прилики што би можеле да бидат подобро одиграни. Јас ќе продолжам да се борам и покрај сите неизвесности. Верувам дека толку малку секој должи на духот на сопствената младост.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG