Достапни линкови

logo-print

Мигрантскиот бран не се намалува и покрај зимата


Илјадници мигранти и бегалци продолжуваат да пристигнуваат во најголемото грчко пристаниште Пиреја во близина на Атина. Тоа покажува дека бранот луѓе кои бегаат од конфликтните зони, главно од Сирија за Европа продолжува и покрај влошените зимски временски услови.

Мигрантите и бегалците и натаму се решаваат на ваков опасен чекор од Турција кон грчките острови, особено кон Лезбос.

Според Меѓународната организација за миграции над 24 илјади го минале Медитеранот до Грција и Италија и тоа само за првите две недели од овој месец.

Притоа 58 се удавиле во овој нивен обид. Над 30 насто од бегалците се деца, наведуваат од Лекари без граници, организација која им помага при пристигнувањето на грчките острови.

Во договорот склучен во ноември, Турција се обврза да помогне да го запре бранот бегалци кон Европа во замена за финансиска помош од неколку милијарди долари, безвизен режим со Европската унија и обновени разговори за прием во Унијата.

Но, европските претставници повторуваат дека турските напори не успеваат.

Турција во последно време уапси десетина осомничени за организирање на шверц со луѓе.

Да бидам јасен изгладнувањето како оружје е воено злосторство. Тоа е полошо од држење заложници.

Турската влада вели дека се обидува да ја намали илегалната миграција со тоа што им дава работни дозволи на сиријците кои претставуваат најголем дел од оние што сакаат да стигнат во Европа.

Само лани во Европа дојдоа над милион бегалци и мигранти што е за пет пати повеќе од претходната 2014 година.

„Го напуштив домот, мојата земја бидејќи има насилство, не е безбедно“, вели 18 годишниот Идриз кој сам патува надевајќи се да стигне до Германија.

25 годишниот Салам од сирискиот град Хомс вели дека се обидел да живее и во други сириски градови пред да реши да замине од земјата.

„Тие убиваат жени и деца. Во Сирија е многу лошо“, вели Салам.

На ваквата ситуација предупредија неколку земји кои побараа итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Генералниот секретар Бан Ки Мун ги повика силите на сириската влада и бунтовниците да ги прекинат опсадите на градовите и тоа пред одржувањето на мировните преговори на 25 јануари во Женева.

Тој додаде дека хуманитарните организации успеале да достават помош само на мал број од 400 илјади луѓе кои се наоѓаат заробени во сириските градови.

„Да бидам јасен изгладнувањето како оружје е воено злосторство. Тоа е полошо од држење заложници“, изјави Бан Ки Мун.

Во понеделникот за прв пат по неколку месеци беше доставена помош за градот Мадаја кој е под опсада на сириските сили и две села под блокада на бунтовниците.

Посматрачите оценуваат дека доколку кон крајот на месецов не биде постигнат исчекор во наоѓањето мировно решение за Сирија страдањата ќе принудат голем број сиријци да се решат на опасниот пат до Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG