Достапни линкови

Марина Мијаковска – Поезијата се пишува во тишина!


Со четири поетски и една прозна објава и неколку значајни признанија за творештвото, како Специјалната награда на поетските вечери во Корча , потем „Караманов“, „Македонска книжевна авангарда“, „Крсте Чачански“ ...Марина Мијаковска влегува во редот на неодминливите автори на македонската литературна сцена. Згора на тоа, на крајот на минатата година, таа за својата последна објава „Постела на тишината“ ја доби престижната награда „Бели Мугри“ за книга од млад автор до 35-годишна возраст што по седми пат ја додели Домот на култура „Кочо Рацин“ од Скопје.

Марина Мијаковска „Постела на тишината“ започнала да ја пишува во 2013 година и притоа главната мотивација за книгата и била тишината, односно разглобувањето на одредени филозофски идеи и дилеми на секојдневието на еден автор.

Поезијата се пишува во тишина. Таа е распостелена во еден таков тивок агол на создавање. Целата оваа мотивација ја поврзав со творештвото на Кочо Рацин, односно најголемиот великан на македонската современа литература. Поетот кој што создавал и пишувал во тишина.

„Денес живееме во едно брзо, динамично, бучно време кога не нималку не ни останува простор за себе. За наоѓање на хармонија на сопственото битие и сопственото продуховено живеење. Затоа идејата тргнуваше од фактот дека секој поет, секој човек, во суштина треба да ја најде хармонијата во светот во кој што живее и хармонијата во самиот себе. За поетот тоа е поезијата – најголемиот чин на наоѓање на хармонија помеѓу својата природа, својата внатрешност и светот“, вели Мијаковска.

Дополнува дека поетот во тишина го создава своето творештво. Дека сите поети бараа одредено катче, еден скриен агол во кој што ќе ја создаваат својата поезија. Своето творештво.

„Поезијата се пишува во тишина. Таа е распостелена во еден таков тивок агол на создавање. Целата оваа мотивација ја поврзав со творештвото на Кочо Рацин, односно најголемиот великан на македонската современа литература. Поетот кој што создавал и пишувал во тишина. И преку ова личност и голема фигура на македонската поезија создадов 17 песни од последниот циклус кој што гласи „Кочо Рацин во писмото на тишината“. Притоа целата таа идеја за поезијата како една продуховеност на современото живеење ја изнесов преку овој лик.“

„Постела на тишината“ содржи педесеттина лирски песни кои се поделени во три носечки циклуси. За првиот „Тишина по рабовите на страниците“ авторката знае да каже дека ја разглобува и идејата за „женското пишување“ и „женското писмо“. Таа во својата експликација посочува дека , „женското писмо во себе ја носи тишината“, дека тоа е „писмо во кое одекнува тишината на женскиот глас кој што сака да биде бунтовен и да промени одредени работи во општеството“.

„Тука си играм со иронијата како една стилска категорија затоа што преку таа тишина во суштина ја покажуваме гласноста на поетскиот чин. Поезијата се создава во тишина меѓутоа гласно се чита, а преку гласот ние всушност сакаме да ја прикажеме вистинската страна на реалното живеење. “

За вториот циклус по кој е насловена книгата и кој содржи исто така 17 песни, Мијаковска истакнува дека е носечки во делото и дека во него доминираат љубовните и филозофските мотиви. Од друга страна за третиот „Писмото на тишината“ поетесата забележува дека почива на одредени предзнаења што таа како автор ги имала за големиот Кочо Рацин и на тој начин ја изразува целата идеја за пишувањето како „постилање на една бучна тишина“.

Инаку, Марина Мијаковска во текот на 2015 година објави два поетски ракописи. Во октомври, како издание на Културниот центар „Бран“ од Струга, се појави нејзината збирка со хаику поезија „Тиркиз во лето“, а два месеца подоцна во рамките на традиционалната манифестација „Денови“ се случи и промоцијата на овенчаната „Постела на тишината“.

За периодов што следува поетесата, прозаистка и есеистка планира публикување на еден постар научен труд, за да потем повторно и се врати на тишината и во наредните неколку години му се препушти на пишувањето на својот прв роман.

„За секоја книга треба одреден тип на тишина за да може таа да настане. Книгите се пишуваат во долг временски период затоа што постои тишина и пауза во творешкиот чин и во создавањето.“

И, колку за потсетување Марина Мијаковска во своето портфолио ги има и поетските објави „Номадска душа“ ( 2010), „Куфери“ (2012) и „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2013), а автор е и на книгата раскази „Куќички“ ( 2014).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG