Достапни линкови

„Петар Пан“ - сторијата за вечното дете во нас, премиерно во Театар за деца и младинци


Работена по текстот на прочуениот шкотски писател и драматург Сер Џејмс Метју Бари, од оваа среда, на 13 јануари, во 19 часот, на сцената на Тетарот за деца и младинци – Скопје ќе започне да живее куклено-играната претстава „Петар Пан“ - уште едно од делата од ризницата на светската класична литература за млади и сторијата за детето кое секој од нас сака вечно да го сочува во себе.

По година и половина од новата поставка на „Могли“, бугарскиот режисер - маестро Боњо Лунгов, на сцената на Театарот за деца и младинци – Скопје, со актерите со кои цели две децении милува да твори наедно воздигнувајќи ја оваа институција во една од најнаградуваните во регионов, ја донесува и „Петар Пан“ - уште едно од делата од ризницата на светската класична литература за млади и сторијата за детето кое секој од нас сака вечно да го сочува во себе.

Со таа наивност на прв поглед во тоа време, со таа длабока филозофија, ако секој од нас само понекогаш се сети дека бил дете светот навистина ќе стане подобар. Кога ти ќе можеш да леташ, во буквална смисла или не, летот си е лет. Ти летнуваш на крилјата на мечтата, со една енергија да направиш нешто во својот живот и стигнуваш да се сетиш дека сепак може да леташ.
Боњо Лунгов, режисер.

Свесен дека станува збор за продукт кој безмалку им е познат на сите, за дело што многупати било поставувано насекаде во светот, дека по него се снимени и неколку филмови, Лунгов со своите стални соработници – асистентон и драматург Маја Енчева, главниот асистент и кореограф Константин Каракостов, сценографот, костимографот и автор на кукли – Дилјана Прванова и композиторот Михаил Шишков, се решава да потпише сценско дело во кое пред сè ќе доминира магијата. Со многу имагинација, хумор, песни и смеа да ги поведе гледачите да ги доживеат фантастични моменти на Петар Пан и неговите пријатели - херои и „заколнати непријатели“ во земјата Недојдија. Да се потсетат на игрите од детството и уште поважно на соништата.

„Со таа наивност на прв поглед во тоа време, со таа длабока филозофија, ако секој од нас само понекогаш се сети дека бил дете светот навистина ќе стане подобар. Кога ти ќе можеш да леташ, во буквална смисла или не, летот си е лет. Ти летнуваш на крилјата на мечтата, со една енергија да направиш нешто во својот живот и стигнуваш да се сетиш дека сепак може да леташ. А, токму куклениот театар, не друго, ја дава таа можност да се креира една таква фантастична атмосфера“, вели во предвечерието на премиерата режисерот.

Тој дополнува дека во оваа поставка се сместени и куклениот и драматичниот театар. Дека возрасните се живи ликови, а сите деца – се кукли. Од таму, како што ќе рече Лунгов, и мислата каков е нашиот однос со сопствените деца. Колку сме ние подобри од нашите претходници.

„Во овој наш живот никој од нас не лета. Секој гледа да остане цврсто на земја и нешто да прави. А, всушност можеме и да летаме. Тоа сакаме да го кажеме со нашата претстава. Тоа да им го порачаме на оние што ќе дојдат да ја видат - и на децата и на нивните родители. Проблемот е нивни и на децата. Но, ние им го должиме појаснувањето на токму на децата. Не можеме да го претставиме светот многу убав без да им кажеме и тоа дека тој може да биде многу лош, грд, дека зависи од тоа како самите ќе си го замислиме во главите.“

Во „Петар Пан“ насловната улога ја толкува Ненад Митевски, Венди е Наташа Петровиќ, Џон – Марија Ѓорѓијовска, Мајкл – Ана Левајковиќ Бошков, Г-ѓа Дарлинг – Винета Дамчевска, Г-дин Дарлинг – Предраг Павловски, Капетан Кук – Мартин Јордановски, Сми – Драган Довлев, а настапуваат и Мики Анчевски, Бојан Кирковски, Изабела Новотни и Катарина Илиевска Силјановска.

„Лунгов ништо не пропушта на случајот. Тој во Театарот доаѓа со своите соработници и со однапред детално разработен план за работа. И имате еден процес на креирање на претставата што трае еден месец во кој мора комплетно да се вложите. Без задршка и губење време. Затоа не само што неговите претстави се добри, туку ние како глумци се чувствуваме супериорни и сигурни во тоа што го играме. И никого нема да остави малку полош од другите. Не, ќе се работи колку што треба. Еве јас на пример овојпат многу работев“, ќе рече Тања Павловска Кочовска, која во „Петар Пан“ ја толкува Ѕвончица.

Кон ова само уште информацијата дека со сосема поинаков концепт и на многу поголема сцена Лунгов, пред една година, „Петар Пан“ го работеше во Централниот куклен театар во Софија, а по скопската премиера, во Театарот за деца и младинци тој планира да се фокусира на мјузикл за тинејџери кој би ја збогатил постојната младинска сцена на оваа наша културна институција.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG