Достапни линкови

Стојановски: Заборавивме на емотивното, на она што се чита со внатрешно око!


Со безмалку сите 400 слики што со себе во декември ги донесе од Загреб за да ги одбележи последниве две децении во сликарството и со перформанс на ТОНИ КИТАНОВСКИ ТРИО, сосема нетипично за локалниве прилики, овој вторник, на 12 јануари, во 20 часот, во Музеј на град Скопје, ќе се случи затворањето на изложбата „Циклуси“ на македонскиот уметник Крунислав Стојановски.

Паметно троши ја енергијата и усмерија таму каде што сеуште не си се докажал, а идеите секогаш ми се чини дека водат до една нитка во младоста. Тоа што сме биле на 25 години сакаме да го оствариме покасно. Така барем јас чувствувам.

Со овие зборови уметникот Крунислав Стојановски ќе го започне своето кажување во пресрет на затворањето на својата ретропсективна изложба „Циклуси“, што од 18 декември до 12 јануари се одржува во Музеј на град Скопје. Притоа тој појаснува дека иако скоро цели три децении живее и твори на релација Македонија – Хрватска, во последниве години има можност и често ја користи да си дојде дома. Потенцира дека неговата родна земја е всушност многу инспиративна средина за творците.

Ми се чини дека целото општество станува доминантно рационално. И тоа на еден негативен начин. Емотивното, она што се чита со внатрешното око, она што е поврзано за интуиција, за емоција, за доживување сме го запоставиле. Тоа го чувствуваме и на секој од нас ни недостасува. Ете затоа сме сè понезадоволни во секојдневието.

„Ова е многу инспиративна средина од секој аспект. Почнувајќи од нашето сирење и патлиџани до скопскиве споменици. Еден голем дијапазон од убаво до чудно. Непримерено. За утеха, лоша утеха, секаде е така. Каде и да отидам ја гледам таа негативна промена. Во сите градови, во сите средини...Запоставена е културата, медиумите...Сега постои интерес само за нешто што е поплитко, поедноставно, брзо...Побитен е материјалистичкиот пристап кој нам ни е продаден и ние едноставно само сме си го голтнале. “

Крунислав знае да каже дека е евидентно оти се изместени вредностите, но вели дека зошто се случило тоа е навистина тешко прашање на кое досега брз одговор не дале ниту социолозите, ниту филозофите. Вели дека и покрај тоа што постојат претпоставки, реакции, ставови... ќе треба да помине одредено време за да се дојде до некаква експликација што држи вода. Дополнува дека и неговото делување во уметноста е една таква реакција. Дека се обидува да даде свое мислење и општествена критика преку концептите и амбиенталните инсталации. Како пример за ова го наведува неговото учество на Биеналето за сликарство каде во описниот текст за приложеното дело потенцирал дека се запоставува еден од најбитните, базичните елементи на било која уметност па така и ликовната, а тоа е емотивното.

„Ми се чини дека целото општество станува доминантно рационално. И тоа на еден негативен начин. Емотивното, она што се чита со внатрешното око, она што е поврзано за интуиција, за емоција, за доживување сме го запоставиле. Тоа го чувствуваме и на секој од нас ни недостасува. Ете затоа сме сè понезадоволни во секојдневието.“

Но, тоа не значи како што вели Стојановски дека притоа уметниците стануваат помалку субверзивни или помалку критични кон сегашноста. Оди дотаму што констатира дека медиумите денес се многу побогати и дека за уметничките укажувања постојат многу поголеми можности. Но, од друга страна, тој забележува дека улогата на уметниците во општеството е помала и дека сè некако полека станува л-арт-пурлартистички, дека на изложбите претежно доаѓаат колегите, дека мал е кругот на луѓето што сето тоа го следи.

„Премногу е брзо секојдневието во кое живееме за да бидат битни улогата и гласот на уметникот во општеството. Денес се битни политичарот, забавувачот, реалните шоу програми...нештата што може брзо да се конзумираат. И во таквата какофонија нема место за добрата критика. За неа се потребни неколку години или подолг временски период. Ова значи дека сега улогата на уметникот или на критичарот навистина е минорна. Тотално небитна. “

Во контекст на ова, уметникот ќе рече дека по завршувањето на „Циклуси“ во Музеј на град Скопје, поставката на која понуди осум циклуси селектирани од некаде 400 слики, или поточна направи ретроспектива на сопственото сликарство во последниве две децении, тој ќе се фокусира на вториот дел од циклусот „Зоон политикон“ кој што зборува за секој сегмент од општеството, во основа е критика на политичарите кој ги смета за една каста и е на страната на малиот човек.

„Вториот дел кој сега го работам се вика „Мета“ и говори за поединците кои се исправаат пред толпата, а обично тие страдаат. Се состои од 9 мети кои на 30 сек. се вртат помеѓу бело и црно знаме, а само една се движи во спротивен правец. Повремено, на 15 секунди се слуша истрел од звучниците и поминува ласер но само низ деветтата издупчената мета. Третиот дел ќе биде критика на световните водачи, потем следува и оној каде нема да бидат поштедени религиозните водачи, за на крај во петтиот да понудам доза на оптимизам со слики сликани со флуоресцентни бои. Со палење и гасење на светлото на секој критичен му спротивставувам оптимистичен текст. Но сето тоа ќе го работам во следниве неколку години и којзнае како ќе заврши зошто сега навистина финансиски не би можел да го остварам.“

Инаку, во текот на оваа година Крунислав Стојановски има договорено 20 самостојни изложби – четири во исто толку поголеми градови во Македонија, две ќе се одржат во соседна Србија, потем ќе се претстави во Славонија, па во Далмација и на Истра, за да кругот го затвори со голема постановка во Загреб. За наредната 2017 веќе води прелиминарни договори за изложувања во Минхен, Торино, Брисел, Њујорк...и се надева дека барем дел од таквите планови ќе се реализираат во реалноста.

Сепак прашан дали би сакал да го напушти регионот, својот живот на релација Скопје – Загреб, за да ги задоволи предусловите за некаков позначаен интернационален успех, уметникот е дециден дека на такво нешто не ни помислува. Дека во тој случај би бил друг човек, со друга инспирација. Поинаков уметник и човек.

„Тоа сме што сме. Јас сум богат и ваков затоа што сум Македонец, Скопјанец...Тоа е убавото. Ова поднебје дава и една убавина, една топлина која ја чувствуваат другите луѓе кои што се во комуникација со нас. Сите се воодушевени. Да не биде препотентно но јас сум омилен во друштвото во Загреб. Верувам сите ние од овде сме омилени кога ќе отидеме некаде сме омилени. Ние сме веројатно најлоши меѓу себе кога сме тука, дома. “

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG