Достапни линкови

Рускиот центар во рамките на УКИМ е уште еден мост за зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји, вели ректорот на Универзитетот Велимир Стојковски. Центарот е отворен со помош на руската амбасада и Фондот „Руски мир“. Фондацијата Руски мир(во превод Руски свет) е создадена со декретот на претседателот Владимир Путин во 2007 година.

Рускиот центар кој во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе ја промовира руската култура и јазик, денеска беше свечано отворен во неговите нови простории во центарот на Скопје. Рускиот е четврти центар во рамките на Универзитетот по италијанскиот, турскиот и кинескиот, но прв кој ќе го изучува рускиот јазик, литература и култура, истакна ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, изразувајќи надеж дека тој ќе претставува и уште еден мост за зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји.

„Рускиот јазик е јазик на еден голем народ којшто својата култура и достигнувања ги вградил во светската цивилизација. Затоа изучувањето на рускиот јазик е голем предизвик за сите нас. Отворањето на Рускиот центар којшто денес го финализираме, е резултат на двегодишна работа со помош на амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и Фондот „Руски Мир“, рече Стојковски.

Сите кои имаат интерес за Русија, за нејзината богата историја, култура и наука сега добија нови можности да го изучуваат рускиот јазик, да читаат руски книги, весници и списанија, да гледаат во живо телевизиски програми, да организираат изложби, образовни и научни состаноци, креативни дискусии и да се собираат за заедничко дружење.

На отворањето присуствуваа и рускиот амбасадор во Македонија, Олег Николаевич Шчербак, министерката за култура Елизабета Канеческа Милеска и архепископот охриски и македонски г.г. Стефан.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ стана 106 – та членка во мрежата на центри на „Руски Мир“, коиштио се отворени во 45 земји. Создавањето на Рускиот центар во Македонија беше остварено со поддршка на Владата на Македонија, на Министерството за култура и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, истакна рускиот амбасадор Олег Николаевич Шчербак.

„Сите кои имаат интерес за Русија, за нејзината богата историја, култура и наука сега добија нови можности да го изучуваат рускиот јазик, да читаат руски книги, весници и списанија, да гледаат во живо телевизиски програми, да организираат изложби, образовни и научни состаноци, креативни дискусии и да се собираат за заедничко дружење“, рече Шчербак.

Отворањето на Центарот е чин со кој ги демонстрираме заложбите заеднички да ги надминеме границите на културниот простор, да ги продлабочиме релациите во областа на културата и образованието, и да ја интензивираме соработката меѓу институциите на двете држави, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

„Со задоволство би сакала да потенцирам дека Руската Федерација е голем стратешки, политички, економски и културен поддржувач на Република Македонија и од денешна перспектива можеме да се гордееме со сето она што успеавме да го реализираме и постигнеме последниве години“, рече Канческа Милевска.

Рускиот центар со финансиска помош од Фондот „Руски Мир“ ќе биде опремен со најсовремена компјутерска, мултимедијална и дидактичка опрема.

Фондацијата Руски мир(во превод Руски свет) е создадена со декретот на претседателот Владимир Путин во 2007 година. Организацијата е финансирана од руската влада и има за цел промовирање на рускиот јазик, формирање на „руски свет“ како глобален проект и соработката со Руската Православна Црква во промовирањето на вредностите.

На веб страницата на Фондацијата Руски мир (russkiymir.ru) е наведено дека организацијата спроведува меѓународен културен проект за развој на руски центри во партнерство со образовни организации низ целиот свет. Во рамки на проектот Фондацијата поддржува студиски програми на руски јазик во странство, развој на меѓукултурен дијалог и зајакнување на врските меѓу Русија и земјите каде се отвораат вакви центри.

Отворањето на Рускиот центар доаѓа во време на засилено влијание на Русија на Балканот, а руското влијание, според дел од експертите се интензивира и во Македонија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG