Достапни линкови

logo-print

Предлог законите на опозицијата не проаѓаат во Собрание


Собранието не ги прифаќа предлозите на опозицијата, но опозиционерите сметаат дека е битно што за тие прашања се зборува. За дел од пратениците од власта, законите не се прифаќале оти на тој начин опозицијата сакала да ќари политички поени.

Пратениците од опозицијата и независните пратеници не очекуваат дека Парламентот ќе ги поддржи законските проекти што тие ги предлагаат, но сметаат дека на тој начин се актуелизираат проблемите и се создава критична маса во државата која би поддржала такви решенија. Ова е нивниот коментар во врска со предлог законите што тие ги доставија во Собранието, а се однесуваат на заштитата на зеленилото, буџетот и јавниот долг и за стечајците.

Државата најде пари за споменици и панорамски тркала, а овие граѓани ги остави без егзистенција.

Мнозинството во Парламентот досега не се случило да поддржи закон од други политички партии, но Горан Милевски од ЛДП вели дека нивна должност е да предлагаат закони кои се од интерес на граѓаните. Тој оценува дека својата вистинска моќ и влијание законот за буџет и јавен долг ќе ги покаже со тоа што наместо владата граѓаните ќе имаат контрола врз буџетот. Опозицијата предлага фискалната стратегија да ја носи Собранието, за да не може Владата да прави манипулации со дефицитот и бројките, вели Милевски.

„На пример во старата фискална стратегија стоеше дека дефицитот на буџетот треба да биде 2,6 отсто, но усвоија нова стратегија со која си го зголемија дефицитот на 3,2 проценти“, вели Милевски.

Павле Трајанов не мисли дека идејата да се спречи сечата на дрвјата и да се води сметка за загадувањето залудно е на дневен ред. Тој оценува дека својата вистинска моќ законот за зеленило кој преставува основа за носење стратегија со практични решенија ќе ја покаже извесно време по одмерувањето на силите во Парламентот.

„Со предлогогот, меѓу другото, се предвидува секаде во сите градови да има обврска кој ќе исече дрва десет пати повеќе да засади. Покрај тоа што се работи за исклучително добар законски проект не очекувам дека парламентот ќе го подржи бидејќи произлегува од други политички партии“, вели Трајанов.

Во врска со законот за стечајците, опозицијата пак предлага луѓето кои останале без работа од компании во државна сопственост, а тие се околу четири илјади граѓани, да добиваат една третина од просечната плата до пензионирање. Овие граѓани се оставени без пари, вели Милевски, кој не штеди зборови на критика за проектите што ги финансира владата.

„Државата најде пари за споменици и панорамски тркала, а овие граѓани ги остави без егзистенција“, вели Милевски.

Рафиз Алити од ДУИ со свој став за праксата во Парламентот да не се поддржуваат закони кои се поднесени од опозицијата.

„Не се гласаат закони кои ги предлага опозицијата и поединци, бидејќи тоа се закони кои се предлагаат со цел добивање политички поени“, вели Алити.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG