Достапни линкови

Недела на разврска - ЕУ и САД во координирана акција


Архивска фотографија - Средба на премиерот Никола Груевски и американскиот потпретседател Џо Бајден во Белата куќа.
Архивска фотографија - Средба на премиерот Никола Груевски и американскиот потпретседател Џо Бајден во Белата куќа.

Премиерот во САД, европратеници на средба со политичарите во Скопје за Договорот во Пржино. Професор Денко Малески вели дека се работи за добро координирана акција меѓу САД и ЕУ за да се турне процесот напред.

Премиерот Никола Груевски неделава ја почнува со средба со американскиот потпретседател Џо Бајден во Вашингтон, а ќе ја заврши со средба со еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје. Недела полна со средби со странци имаат и другите домашни политичари, потписници на Договорот од Пржино. Тие денеска се среќаваат со тројцата европратеници Едуард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл, а в петок и тие ќе се видат со Хан. Тој како што потврдија и од Брисел ќе разговара со сите засегнати страни за спроведувањето на политичкиот договор.

Тоа сега не е едноставна операција, врзана е за политичките, па и личните судбини на политичарите од врвот меѓутоа доколку тие соработуваат со меѓународниот фактор може да се очекува и една мирна транзиција и една мирна разврска која би почнала со формирањето на техничка влада која ќе почне да го подготвува теренот за новите избори.
Денко Малески, универзитетски професор.

Очекувањата на аналитичарите, пак, се дека по сите овие средби треба да се знае дали и кога ќе има избори, а со тоа и кога ќе се повлече премиерот од функцијата земајќи предвид дека според договорот техничката влада е предвидено да се формира сто дена пред избори.

Според универзитетскиот професор Денко Малески очигледно се работи за добро координирана акција меѓу Соединетите Американски држави и Европската унија за да се турне процесот напред, оти како што вели, Македонија се наоѓала во сензитивна фаза на рехабилитација на демократијата.

„Тоа сега не е едноставна операција, врзана е за политичките, па и личните судбини на политичарите од врвот меѓутоа доколку тие соработуваат со меѓународниот фактор може да се очекува и една мирна транзиција и една мирна разврска која би почнала со формирањето на техничка влада која ќе почне да го подготвува теренот за новите избори“, вели Малески.

Но до целосно подготвување на теренот за избори има уште нереализирани работи кои произлегуваат од документите од Пржино и од извештајот на експертот Рајнхард Прибе. Имено се уште нема договор за медиумите а состојбата тапка во место со месеци. Нерешено останува и прашањето за прочистувањето на избирачкиот список, за кој методологијата Државната изборна комисија ја испрати до партиите пред Нова година но тие се уште не се договорија.

„Лично мислам дека три и пол месеци е прекратко време за да може да се постават основите за едни добри избори со кои сите ќе се согласат. Јас не сметам дека е остварено тоа. Ние мора да направиме еден исчекор каде што поразениот ќе му даде рака на победникот и ќе престане изборната кампања во моментот на избор на нова власт“, вели Малески кој смета и дека е подзаборавен другиот како што вели правен процес за пред гласачите се дознаела одговорноста за тоа што се слушна во т.н. опозициски бомби. Инаку европратениците покрај со политичарите се среќаваат и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG