Достапни линкови

ЕУ ќе скенира до каде е „Пржино“


Известувач за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл, амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав и поранешниот известувач за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит.
Известувач за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл, амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав и поранешниот известувач за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит.

Следната недела во посета на Македонија прво ќе дојдат европратениците Вајгл, Кукан и Ховит, а потоа и еврокомесарот Јоханес Хан за да видат како се спроведува договореното во Пржино.

Крајно нејасната ситуација дури и за повлекувањето на премиерот Никола Груевски и изборите на 24 април се очекува да почне да се разјаснува од следната недела кога во посета на Скопје за скенирање на спроведувањето на Договорот од Пржино ќе допатуваат прво европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Ричард Ховит, па потоа и еврокомесарот Јоханес Хан.

Тоа значи дека какво било одложување на изборите или поместување на термините што се јасно утврдени може да се случи само во согласност со еврокомесарот и европратениците.
Никола Дујовски, универзитетски професор.

Според професор Никола Дујовски тројцата европарламентарци кои беа вклучени во разрешувањето на кризата уште од почетокот, всушност се претходница на еврокомесарот Хан кој се смета и за главен контролор и ментор на договорот со кој се излезе од кризата.

„Од суштинско значење се посетите што ќе се случат идната недела и на тројцата европарламентарци, а потоа и на еврокомесарот Јоханес Хан, затоа што не се само нашите политички лидери гарантори на тој договор, туку и целата Европска комисија преку учество на еврокомесарот и на сите европратеници. Тоа значи дека какво било одложување на изборите или поместување на термините што се јасно утврдени може да се случи само во согласност со еврокомесарот и европратениците“, вели Дујовски.

Конкретно Вајгл, Кукан и Ховит во Македонија ќе ги дочекаат не договорени реформи за медиумите и непотврден начин за прочистување на избирачкиот список за кој методолгијата Државната изборна комисија ја испрати до партиите минатата недела, но тие се уште не седнаа да се договорат. Дополнително ситуацијата се компликуваше откако по се позасилените најави за можно одложување на изборите, од ВМРО-ДПМНЕ под знак прашалник го ставија целиот договор од Пржино. Во тој случај останува отворено и прашањето за повлекување на Груевски од функцијата и формирањето на преодната влада бидејќи во договорот од 15 јули се наведува дека „актуелната Влада ќе ја поднесе својата официјална оставка до Собранието во догледно време за да овозможи инаугурација на новата влада на 15 јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори“. Според Дујовски оставката на премиерот не е, како што вели, толку важна работа, туку е најважно подготвувањето на теренот за фер и демократски избори.

„Договорот од минатата година јуни/јули не е испочитуван до крај. Не треба само формално да се извршуваат работите, туку во ситуацијата во која се наоѓа Македонија ни се потребни суштински реформи, а тоа се уште ни недостига“, вели Дујовски.

Преговорите на работната група за спроведувањето на договорот кои се водат со посредство на експертот на Европската комисија Питер Ванхауте веќе подолго време се во мирување поради новогодишните и божикните празници. По обвновувањето кое се очекува исто така идната недела, покрај за досега закочените прашања, ќе треба да се отворат и теми поврзани со канцеларијата на народниот правобранител и антикорупциската комисија кои ги нема во двата документа од Пржино но се опфатени во извештајот на експертот Рајнхард Прибе.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG