Достапни линкови

И Црна Гора и Македонија имаат ист проблем, корумпирани сме до гуша, вели Вук Мараш, претседател на антикорупциската мрежа за борба против корупција во Црна Гора. Структури во властите се корупмирани, но нема санкции за нив, институциите се слаби, нема политичка волја за справување со нив, вели тој.

Кои се главните проблеми во системот во процесот на јавните набавки во вашата земја?

Проблем, најчесто како што е во сите земји од Западен Балкан не е законот туку е проблем тоа што законите не се применуваат. Ние во Црна Гора, создадовме еден институционален хаос каде што имаме еден голем број на институции, од кои сите работат по мал дел од работата, но тој систем ни е увезен. Така да кога ќе слушнам дека законот треба да се менува, одговорот е не. Кај нас проблем што постоечкиот закон, а ниту тие пред него кои беа менувани, не беа спроведувани ни 70 проценти. Кога ќе го спроведеме законот до крај, тогаш ќе може да кажеме дали треба да се менува или не. Проблем е во тоа што институциите не си ја работата својата задача. Примарно проблем е тоа што нема контрола, а тоа е исти случај и во Македонија, и тоа за голем број на случаи на јавни набавки. Кога би имало контрола, ќе можеме да кажеме ова или она не функционира и поединци ги сносат последиците веднаш штом се случи тендерот, а не една година подоцна или две години подоцна или кога државниот ревизор заврши со својата ревизија и во извештај ги објави наодите.

Може ли да направите една паралела на темата корупција меѓу Македонија и Црна Гора?

За паралела Македонија и Црна Гора на тема корупција е дека отприлика корумпирани сме и едните и другите до гуша, и имаме многу јасни структури внатре во властите, и едните и другите, поставена е олигархијата, која очигледно не е само во јавните набавки, туку и во многу други сектори, која и те како остварува финансиска добивка, а од друга страна нема никакви кривично правни последици за сите тие луѓе. Тие и натаму се заштитени од кривичен прогон, поради слабите институции, поради недостаток на политичка волја и страв од челниците на клучните институции на нашите земји, за гонење на тие луѓе кои ги зеле парите од народот и тие што ја злоупотребиле службената должност, а сепак зборуваме за луѓе од врвот на власт во сите сектори.

Колку забелешките на Европската комисија за справување со корупција се во пракса спроведливи и за Македонија и за Црна Гора?

Сите препораки можат да функционираат во пракса, проблемот е во тоа како ние тие препораки ќе ги спроведеме. На пример Црна Гора е одличен пример, ние многу од препораките до сега ги применивме, само клучен проблем е како. Ви велат на пример да промените закон и да го на унапредите, и вие го правите тоа, го менувате законот го унапредувате во некои работи ама сега во него вметнувате три нови дупки со кои се тоа што сте промениле ќе го поништи на многу ефикасен начин.

Затоа и велам дека законот не е проблем, најчесто законот не е проблем, ние имаме и законски добри рамки за институционално да се бориме против корупцијата но тоа што немаме е политичка волја, и немаме поединци кои конечно ќе почнат професионално да ја работат својата работа и да кажат дека ако некој го прекрши законот, ќе одговара за стореното. Од таа причина сите препораки на Европската Комисија се применливи, но и натаму главното прашање е дали нашите и ваши функционери сакаат да го направат тоа или не.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG