Достапни линкови

Динамична активност на кумановскиот Музеј


Музејскиот арсенал во Куманово секој ден се збогатува, активностите се одвиваат многу подинамично, дејностите се прошируваат, аподмладен е и стручниот кадар.

Кумановскиот Музеј навлезе во шестата деценија. Музејскиот арсенал секој ден се збогатува, активностите се одвиваат многу подинамично, дејностите се прошируваат, подмладен е и стручниот кадар. Славица Крстиќ три децении работи во Музејот и вели дека во однос на нејзините почетоци и сегашноста разликата е голема.

Сега имаме повеќе работа и повеќе млад стручен кадар. И пред тоа имаше работа, но не како последните пет години. Сега работиме на поголеми проекти, пообемни, кои бараат повеќе теренски, научни истражувања, читање литература, соработка со други институции сродни на музеите, не само во нашата држава, туку и надвор од неа. Соработка со други музеи.

„Сега имаме повеќе работа и повеќе млад стручен кадар. И пред тоа имаше работа, но не како последните пет години. Сега работиме на поголеми проекти, пообемни, кои бараат повеќе теренски, научни истражувања, читање литература, соработка со други институции сродни на музеите, не само во нашата држава, туку и надвор од неа. Соработка со други музеи“, вели таа.

Крстиќ раскажува дека во тоа време се работело со минимални средства, темпото било позабавено, не биле подеднакво опфатени сите одделенија, а најповеќе се форсирало историското одделение, можеби затоа што директорот Миодраг Арсовски Болто бил историчар. Но, забележливо е што секој директор приоритет давал на својата професија. Со текот на времето аналогно на општествените промени, активирана е и археологијата, етнологијата, ликовната уметност.

„Започнав да работам како документатор, имав прилика да се запознам со евиденција и документација на целокупниот музејскиот материјал. Рачно пишувавме во книги со пенкало на мастило (налив перо) како трајно. Тие книги сега се архивирани и со печат затворени, така се чуваат, а сега се води електронска документација“, вели таа.

Во иднина, според Крстиќ, помладите генерации кои живеат во ерата на компјутерите ќе бидат љубопитни за минатото, оти тоа е траен белег на ниво на државата.

„Како историчар на уметност сметам дека е потрајно она што ќе се направи рачно. Затоа на младите генерации им препорачувам да не се запоставува и рачното творештво“, вели таа.

Според Анита Цветановска, директор на НУ Музеј во Куманово, во неговиот состав се и Уметничката галерија (1967), Спомен куќата на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош и Меморијалниот центар АСНОМ во кумановското село Пелинце.

За почетоците на Музејот, Цветановска раскажува дека бил основан во 1964 година како Историски музеј, за 13 години подоцна да биде преименуван во Народен музеј, сместен во некогашната вила на богатиот индустријалец Живко Стојиљковиќ од Лесковац (Србија).

„Зградата била изградена во 1926 година и претставува белег на една типична стара градска архитектура, во центарот на градот. Во неа сега е поместена постојана музејска поставка, составена од експонати од областа на историјата, археологијата и етнологијата. Во дворот е направен лапидариум, односно музеј на отворено, во кој се поставени прекрасни антички камени споменици“, вели таа.

Според Цветановска, во 2004 година Музејот е преименуван во национална установа, се афирмира како историска, научна и културно-образовна институција, а стручните кадри, кустосите се занимаваат со научна, истражувачка, археолошка дејност, прибираат техничка и фотодокументација, афирмација и презентација на нашето богато културно наследство. Во последно време, НУ Музеј прави изложби на отворено, модни ревии. Ревијата започнала со модата „А ла франга“, проект на кустосот-етнолог Анита Ѓорѓиеска. Тоа е модата до почетокот на 20-от век носена на тогашното кумановско корзо. А со надворешни соработници, млади кумановски дизајнери, направен е пресек, имено се покажува дека тогашната мода е вечна инспирација и дека моделите не се само музејски експонати, туку дека сè уште постојат.

„Веќе станавме карактеристични и препознатливи по оваа модна ревија, по етно-документарен филм, за што колегите од државава ни велат дека сме водечки по снимање на етно-документарните филмови. Минатата година ги пречекоривме и границите на нашата држава, гостувавме во Културно-информативниот центар во Софија, Бугарија, а потоа и на Меѓународниот фестивал вп Созопол каде ја освоивме првата награда за проектот „А ла франга“, но и специјалната награда за самиот проект. Затоа и претставниците од кумановскиот Музеј 2016 година ќе го отворат тој фестивал“, вели таа.

Цветановска вели дека Музејот располага со над шест илјади експонати, депо за ликовна дејност со исклучително богат фонд, со дела од многу познати домашни и странски академски сликари.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG