Достапни линкови

Европа и натаму се затвора


Европа и натаму се затвора
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00

Европа и натаму се затвора

Патниците од Данска за Шведска се соочија со долго чекање откако почна контролата на нивните документи што е за прв пат по половина век. До ова дојде откако Шведска ја зголеми контролата на границата со цел да го намали приливот на мигранти. Во Шведска лани дојдоа 160 илјади и станаа товар за социјалниот систем.

Илјадници патници кои живеат во јужна Шведска и кои секојдневно со возови и автобуси одат на работа во Данска беа изненадени од новите проверки на станицата во Копенхаген пред нивното заминување дома.

„Мислам Шведска и Данска беа еден регион и сега сме одвоени со вакви гранични контроли. Да, навистина ова е разочарувачки“, вели Ола Јансон, студент од Шведска.

Голем број патници оценуваат дека ова им наликува на нов Берлински ѕид.

Следејќи го претходниот потег на Шведска, и Данска привремено воведе проверка на документите на нејзините граници со Германија.

Мислам Шведска и Данска беа еден регион и сега сме одвоени со вакви гранични контроли. Да, навистина ова е разочарувачки.
Ола Јансон, студент од Шведска.

Данскиот премиер Ларс Локе Расмусен изјави дека шведскиот потег не и дава друга опција на неговата земја од тоа да воведе гранична контрола.

Тој апелираше до Европската унија да донесе, како што рече, „колективни одлуки“ за подобра заштита на надворешните граници против бранот мигранти.

Расмусен прецизира дека данските мерки ќе траат десет дена, но оти не било исклучено тие да бидат продолжени.

Претставници на Германија која и сама се мачи да прифати околу еден милион мигранти кои лани пристигнаа таму, велат дека внимателно ќе ги следат последиците од ваквиот потег на Данска.

Над еден милион мигранти, бегајќи од конфликтите и сиромаштијата на Блискиот Исток и пошироко, лани дојдоа во Европа во потрага по засолниште.

Годинава се очекува овој бран и натаму да продолжи.

Тоа доведе до отстапување од политиката за слободно движење во Европската унија и до запирање на нејзините обиди да стане единствена економска зона.

Веќе неколку земји воведоа привремени гранични контроли.

Шведска долго време беше горда на нејзиниот самопрогласен статус на „хуманитарна суперсила“ и нејзината одлука за зацврстување на граничните контроли и на правилата за добивање азил доведе до нестабилност во владата на премиерот Стефан Лофвен.

Промена на правилата за стекнување азил усвои и Норвешка.

Патувањето без документи во нордискиот регион, долго време беше магнет за мигрантите поради високиот животен стандард и дарежлив социјален систем и датира многу време пред Шенгенскиот договор, односно од педесеттите години од минатиот век кога Норвешка, Шведска, Данска, Финска и Исланд договорија пасошка унија.

Скоро 15 илјади патници кои секојдневно минуваат меѓу Шведска и Данска се загрижени дека најновите мерки ќе го отежнат нивното движење.

Данските фирми, пак, страхуваат дека тоа ќе ги принуди Швеѓаните да најдат работат дома е не во Данска.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG