Достапни линкови

Се чека на името на новиот премиер


Партиски човек, или експерт во функција на Груевски. Ова се дилемите на експертите за идниот мандатар за премиер на владата која ќе треба да ги спроведе изборите во Април. Имено новиот премиер треба да го предложи Никола Груевски, кој за десетина дена, треба да си поднесе оставка на оваа позиција, согласно договорот од Пржино.

Десетина дена пред именувањето на новата влада и новиот премиер, актуелниот Никола Груевски не открива кој ќе го замени. Тој потврдува дека ќе си поднесе оставка, а за тоа кој ќе го наследел ќе соопштел откако партијата ќе донела одлука. Според документот од 15 јули од Пржино, „на чело на новата влада ќе биде нов премиер номиниран од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а програмата на Владата е ограничена на организирање на предвремените парламентарни избори“.

Со оглед на досегашното однесување на ВМРО-ДПМНЕ кое се одликува со тоа што пред сè ги нагласува партиските интереси, интересите на владејачката гарнитура, а малку води сметка за интересите на граѓаните, јас мислам дека таа патологија и понатаму ќе продолжи и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи човек кој пред сè ќе ги штити интересите на владејачката гарнитура.
Темелко Ристески, универзитетски професор.

Според професор Темелко Ристески, со оглед на тоа дека мандатот на новиот премиер и влада е насочен кон изборниот процес, најдобро би било тој да не биде препознаено партиско лице, туку од редот на експертите. Но, истовремено се сомнева и дека тоа ќе се случи.

„Со оглед на досегашното однесување на ВМРО-ДПМНЕ кое се одликува со тоа што пред сè ги нагласува партиските интереси, интересите на владејачката гарнитура, а малку води сметка за интересите на граѓаните, јас мислам дека таа патологија и понатаму ќе продолжи и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи човек кој пред сè ќе ги штити интересите на владејачката гарнитура. Не сум оптимист во таа насока“, вели Ристески.

Премиерот Никола Груевски потврди дека ќе си поднесе оставка во наредните десетина дена, како што е договорено во Пржино, а за тоа кој ќе го наследи рече дека ќе соопшти откако партијата ќе донесе одлука. Засега во дел медиуми се шпекулира со конкретни имиња за наследници на Груевски и тоа претежно од редот на актуелните министри, па се споменуваат имињата на министрите Зоран Ставрески и Зоран Јолевски, потоа Никола Попоски и Никола Тодоров и неколку други. Но, единствената изјава која упатува на поконкретен опис на идниот прв човек на владата дадена од ВМРО-ДПМНЕ е на пратеникот Илија Димовски. Тој веднаш по потпишувањето на документот на 15 јули рече дека ниту еден функционер од ВМРО-ДПМНЕ на министерска, пратеничка и значајна политичка функција нема да биде премиер, туку ќе било лице што не вршело таква функција во моментов.

„Сега треба да се избере некој анонимен, кој во суштина ќе биде сенка на Груевски, но за јавноста ќе биде анонимен. Тоа е и став на партијата, мислам дека неекспонираниот човек нема да пречи на јавноста, ниту на СДСМ, ниту на другите партии, а во суштина ќе му служи на Груевски“, вели аналитичарот Алајдин Демири.

Инаку, повлекувањето на Груевски е наведено и во новиот закон за влада кој беше договорен во ноември кога беа избрани новите министри и дополнителните заменици и во него се наведува дека Собранието ќе избере нова, како што е именувана, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници. Меѓу предвидениот рок за оставка и за именување, односно 15 јануари, во Скопје ќе допатуваат и европски пратеници заедно со менторот на договорот од Пржино, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Пред гласањето на новата влада, партиските челници со него се очекува да прегледаат што од договорите досега е спроведено. Работните групи пред празниците го оставија отворено прашањето за медиумите, а посредникот Питер Ванхауте ги спомена и народниот правобранител и антикорупциската комисија како теми кои треба итно да се отворат и да се најде решение.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG