Достапни линкови

Ваши коментари – Буха наспроти Клеј


Нашата сатирично-хумористична новогодишна емисија „Заев како Бошко Буха, Груевски како Касиус Клеј“ е рекордер кај читателите според бројот на коментари и меѓусебните полемики.

Новогодишната ноќ дојде и помина, животот со сите проблеми и и тешкотии продолжува и понатаму... И еве нè и нас со првиот преглед на вашата електронска комуникација - на нашата веб-страница и на Фејсбук страницата на РСЕ на македонски.

Груевски не смее да излезе на ТВ-дуел, а камоли да влезе во ринг, зашто е кукавица!
коментар од читател.

Несомнено, нашата сатирично - хумористична емисија за среќна Нова година, „Заев како Бошко Буха, Груевски како Касиус Клеј“ е своевиден рекордер кај Фејсбук-фановите во бројот на испишаните коментари и меѓусебните полемики. Многумина реагираат зошто колегите го употребиле името Касиус Клеј на славниот афроамерикански боксер во тешка категорија, наместо неговото име откако ја прифати исламската религија, Мохамед Али. Но, повеќето постови се на сметка на Груевски и неговото отсуство на храброст, како што сметаат повеќетемина од вас, да прифати директно вербално соочување со првите луѓе на СДСМ. Па Стојчо Ѓорев напишал дека „Груевски не смее да излезе на ТВ-дуел, а камоли да влезе во ринг, зашто е кукавица!“ Според напишаното од Слободан Василев, нему не му е гајле ни за Али ни за Клеј, „битно Гвујо е нокаут и во шок!“ Јакуп Крос смета дека споредбата на Груевски со Мохамед Али претставува сквернавење на името на големиот шампион.

И коментарите по прилогот за лошата финансиска состојба на пензискиот фонд, кој е во сè поголема „була“, покажуваат дека е сè помал бројот на оние граѓани кои веруваат во „розовите“ информации за зголемената вработеност и добрата кондиција на македонската економија. Никола Нечаковски забележува дека „ако имаше реални нови вработувања, касата на Фондот не би требало да е празна“, а Стојче Димов налутено постирал дека „изгледа“ дека некој „си прави одличен бизнис на сметка на Македонија!“ Но, Златко Ачиларски нè обвинува дека сме пишувале само лаги, без аргументи и докази.

„Само уште еден очајнички обид на премиерот во заминување да ги поткупи или барем да ги замолчи/држи мирни своите јавни обвнители, т.е. сите оние кои не се кај Јанева“ - коментирал Незабеган на нашата веб-страница по текстот со наслов: „Барањата на Јанева ги зголемуваат платите и на другите обвинители“.

Битола исто така мака мачи со загадениот воздух, а по критиките од јавноста и од опозицијата, градоначалникот Талески смета дека сега било модерно да се протестира за воздухот. Љупчо и Слаѓана Манчеви го потсетуваат дека луѓе умираат од таквата мода, и предлага „Идризово да се прошири, па да добиете престој таму. Тоа е мода!“ - вели. „Во мода е криминалците да одат во затвор“, кратко и јасно постирала Ленче Пејоска.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG